СДСМ: Самоволието на власта ќе го замениме со демократија

Опозициската СДСМ и денеска продолжи со презентацијата на новата програма, овојпат на делот за демократија и владеење на правото. Од СДСМ истакнуваат дека на граѓаните им нудат визија сосема поразлична од амбиентот во кој живееме, како што велат креиран од власта на ВМРО-ДПМНЕ.

- Сведоци сме дека во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ исчезнаа демократските вредности во Република Македонија. Секојдневно се газат човековите права и слободи. Власта не работи за доброто на сите, туку на секаков начин се обидува да ги дисциплинира, заплашува и казнува граѓаните, медиумите, опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ ја претвори Република Македонија во земја на политички затвореници, грубо газејќи го правото на слобода за пресметка со своите неистомисленици.  Судовите се претворија во партиски судови во кои правдата е тешко достижна. Партијата ВМРО-ДПМНЕ е единствена институција, и Влада, и Собрание, и суд, и закон и устав, велат од СДСМ.

Од опозициската партија изјавуваат дека клучна цел е да се врати слободата и сигурноста, да се врати демократијата и самоволието на власта да се замени со владеење на правото.

- Денеска најавуваме неколку мерки за воведување вистинска, а не фингирана отчетност и одговорност на власта. Власта на СДСМ ќе биде транспарентна, отчетна и одговорна власт. Власта на СДСМ ќе спроведува јавни дебати за сите значајни прашања, дебати на кои ќе се почитува принципот на слободен говор и вистинска размена на мислења со цел да се дојде до поквалитетни политики. Функционерите во владата на СДСМ ќе бидат отворени и достапни за учество во јавни дебати и нема да ги избегнуваат, а за таа цел СДСМ ќе воведе обврска најмалку еднаш месечно по однапред утврден редослед, на јавниот радиодифузен сервис, министрите да учествуваат во дебата заедно со претставници на опозицијата, јавниот радиодифузен сервис ќе стане сервис на граѓаните кој ќе биде коректор на политиките на власта а не пропаганден билтен, Јавноста ќе има увид во трошењето на секоја ставка од буџетот и за секаков вид трошоци ќе се поднесува јавен отчет. Пред донесување на Буџетот во Собранието, СДСМ ќе воведе обврска министерот за финансии да учествува во јавна дебата заедно со претставници предложени од опозицијата. Ќе го вратиме дигнитетот на Собранието Собранието ќе стане храм на демократијата а не продолжена рака на Владата.  Власта на СДСМ ќе промовира правна сигурност и преку воведување на стабилен правен систем во кој законите ќе се носат врз основа на длабинска анализа и проценка на можностите и ефектите од нивната имплементација, со што ќе се превенира нивното често менување. Бројот на закони што ќе се носат по скратена или итна постапка ќе се сведе на минимум, за секој закон да се обезбеди доволно време за дебата и вклучување на експертите и јавноста. Заради воведување ефикасна контрола на Собранието над Владата ќе предвидиме зголемување на бројот на седници посветени за пратенички прашања од еднаш месечно на еднаш неделно, велат од СДСМ.

Партијата додава и дека СДСМ нема да ја користи казнената политика заради полнење на буџетот, ниту заради заплашување на граѓаните и затварање на фирмите, кои едвај опстојуваат на пазарот и дека  драконските казни кои им се изрекуваат на граѓаните и на фирмите ќе се намалат за 50%, како и дека инспекциските служби ќе работат првенствено како превентивни органи, кои прво ќе изрекуваат опомена, а во случај на повторување на дејствието ќе биде изречена казната. 

 

 

01.11.2013 - 15:31

најчитано сега