ФОТО ГАЛЕРИЈА: Протест на ВМРО-ДПМНЕ по интервјуто на Заев
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва излезе на протест откако вчера премиерот Зоран Заев во интервју за БГНес истакна дека за време на Втората светска војна Бугарија била администратор, а не окупатор во Македонија.
Протестот насловен „Протест сега, за да не биде предоцна“ започна со автомобили пред СЦ Борис Трајковски, а заврши пред зградата на Владата.
Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски пред граѓаните рече дека постојат работи кои што се свети и не се предмет на пазарење.
-Сега е време кога треба да кренеме главата и да кажеме „Доста е!“. Време Македонците повторно да се борат и да се изборат за своите правдини.
Вели дека тоа што го направи премиерот Зоран Заев во интервјуто за БГНес е срамно за Македонија и оти нема човек кој го гледал интервјуто и не се срамел од понизноста на премиерот.
-Газеше по коските на Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Кузман Јосифовски – Питу, Христијан Тодоровски – Карпош, Орце Николов, Борка Талевски, Раде Јовчевски – Корчагин, а со тоа и на сите Илинденци. Овде нема политика, ова е Македонија. Овој протест е на народот. Овде нема канкулантство, ова е протест на сите против лудоста на еден човек, рече Мицкоски.
Рече дека во овие тешки услови на криза, народот ќе победи ако каже „Толку е“.
Обраќајќи се до членовите на СДСМ рече дека сега мора да бидат погласни.
-Зоран Заев не е Македонија, бранејќи ја вашата партија од Заев секој од вас ја брани Македонија. Имаме разлики, но имаме поголема заедничка цел. Да го зачуваме нашиот образ и нашиот идентитет, рече Мицкоски.
____________________________________________________________________________