СПМ: Грција си игра мајтап со цела Европа

Социјалистичката партија на Македонија анализирајќи ја најновата рунда од преговорите околу проблемот што Република Грција го наметна во врска со нашето уставно име оцени дека предлогот што Република Грција го даде за името на нашата држава е дрзок и безобразен, а ги девалвира сите досегашни напори за изнаоѓање на заемно прифатливо решение. Апсурдноста на предлогот упатува и на сомневање на некои заткулисни активности и игри на други соседни земји и домашни политички фактори. Предлогот што е даден „Славјанско-албанска Република Македонија“ е своевидно мајтапење и изигрување на сите оние меѓународни организации и фактори поаѓајќи од Обединетите нации и Европската унија кои упорно се залагаат за изнаоѓање на решение околу овој спор како услов за што побрзо интегрирање на Република Македонија во Евроатланските структури. Република Грција со непочитувањето на обврските што Грција ги превзеде со Спогодбата меѓу нашите две земји пред Обединетите нации и со непочитувањето на Одлуката на Меѓународниот суд на правдата и целокупното меѓународно право и принципи врз кои се гради иднината на Европа, практично ги става во бедна положба земјите кои зеле обврска со неа да градат цивилизациски односи.

Добро е што најпосле паднаа сите маски дека не се работи за името, туку за идентитетот. Добро е што сите оние меѓународни фактори кои се заинтересирани за што поскоро решавање на овој проблем видоа со кого Македонија си има работа и од тоа ќе можат да извлечат сопствени заклучоци за однесувањето на оваа наша соседна земја во која не се почитуваат ниту елементарните човекови права, дека раководните структури ги зафатил златнозорскиот синдром од кој што тешко можат да се ослободат.

Срамота е и не и доликува на земја која себеси се смета за колевка на демократијата со таков примитивизам да се однесува кон решавањето на овој наметнат проблем. Затоа Социјалистичката партија на Македонија смета дека е апсурдно да се очекува од луѓето што го создадоа овој проблем и да го решаваат без ангажирање на органите на Обединетите нации како гарант на склучената Спогодба меѓу двете земји.

 

Поаѓајќи од овие факти Македонија не губи време, цврсто и одлучно работи на јакнењето на своите економски и државни капацитети подготвена да го брани својот суверенитет и интегритет и во тие рамки своето Уставно име.

(Интегрален текст од прес конференција на Социјалистичка партија на Македонија)

30.10.2013 - 13:58

најчитано сега