Свети Јуда однесе 14 животи низ Европа

Најмалку 14 лица загинаа во силната бура Свети Јуда која денеска ги зафати западниот и северниот дел на Европа. 

Од невремето најтешко се погодни Велика Британија и Германија.

Ураганските ветрови корнеа дрва, ги поплавија крајбрежните реони, оставија над 250.000 домаќинства без електрична енергија и ги нарушија транспортните врски во регионот.

Тинејџерка од Кент настрадала додека спиела откако врз нејзината куќа паднало дрво, 51-годишен маж во Вотфорд загинал откако дрво паднало врз неговиот автомобил, додека 14-годишно момче се удавило во Источен Сасекс. Маж и жена загинале при експлозија на гас во куќа во Лондон.

Падната тула уби еден маж во Данска, северно од главниот град Копенхаген.

Холандската полиција соопшти дека една жена загинала кога во Амстердам паднало дрво врз неа додека ги советувала луѓето да не излегуваат од своите домови.

Една жена загина во Бретања, Франција, откако беше повлечена во морето од силен бран, пренесоа француските медиуми. Нејзиното тело било најдено подоцна.

Жртви се регистрирани и во Германија.

Метеоролозите велат дека бурата Свети Јуда била најлоша во изминатите десет години.

Граѓаните на Амстердам се советувани од надлежните власти да не ги напуштаат домовите, како и поради силниот ветер да не возат велосипеди. Главната железничка станица во Амстердам поради оштетувањата предизвикани од бурата е затворена.

Од утрово во прекин е и линијата на брзиот воз меѓу центарот на Лондон и аеродромите Гетвик и Станстед, а затворено е и пристаништето во Довер поради што не сообраќаат ниту траектите до Франција.

Сообраќајот е во колапс, а во Доверскиот теснец во Ламанш, се блокирани еден траект со 398 патници и друг со 65, бидејќи пристаништето Довер е затворено поради бурата.

Околу 75.000 семејства утрово останаа без електрична енергија поради силното невреме што го зафати северозападниот дел на Франција, каде ветерот на моменти дуваше со брзина над сто километри на час.

Ширум Англија и Велс се регистрирани 152 поплави, а објавено е и предупредување за опасност од уште 13 поплави.

Шведскиот метеоролошки институт ги предупреди граѓаните на опасност од бурата која ќе достигне трет степен кога, како што се очекува, во вечерните часови ќе ги погоди западните и јужните делови на Шведска.

Северозападните области на Русија утре ќе бидат погодени од бурата Свети Јуда, а силниот ветер во Финскиот залив, кој дува со брзина од 28 метри во секунда, се заканува да предизвика поплави во Санкт Петербург, соопшти регионалниот Хидрометеоролошки центар

28.10.2013 - 21:14