Над 60% од жителите на Охрид и Струга имаат електронски здравствени картички

Струга заедно со Охрид е еден од најуспешните градови каде здравствените осигуреници ги добиле електронските здравствени картички, информира директорката на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија Маја Парнаџиева - Змејкова при денешната посета во Струга. 
 
Според неа, во двата града има околу 110 илјади здравствени осигуреници, а досега се поделени шеесет илјади електронски картички.
 
- Шеесет  проценти од граѓаните на Охрид и Струга имаат електронски здравствени картички. Електронската здравствена картичка е придобивка на секој граѓанин бидејќи во моментот кога ќе ја добијат истата нема да имаат потреба од сини картoни, истакна Парнарџиева- Змејкова.
 
Раководителот на подрачното одделение на Фондот за здравство во Струга Косто Фармакоски појасни дека од 49 илјади здравствени осигуреници во Општината, 32 илјади веќе ги добиле задолжителните електронски легитимации. 
 
- Во моментов не се предадени околу 5.200 картички,  и тоа 800 се од фирми што значи дека и фирмите се доста ажурни. Останатиот дел се од неосигурените лица и пензионерите. Апелираме да ги подигнат, бидејќи имаме мерка според која на оние што не гиподигнале нема да им се даваат картиците, истакна Фармакоски. 
 
Издавањето електронски здравствени картички  е еден од најголемите и најкомплексните проекти на Фондот за здравствено осигурување. Според Парнаџиева-Змејкова, ваква картичка треба да добијат еден милион и осумстотини илјади осигуреници  во државава.
 
- Во последиве два месеци се дистрибуирани рекордни двесте илјади здравствени картички и во моментов  педесет  проценти од граѓаните во Република Македонија имаат електронски здравствени картички, додаде директорката Парнаџиева- Змејкова

28.10.2013 - 13:49

најчитано сега