Опомена па казна - СДСМ предлага нови начини на воведување фискална дисциплина

ВМРО-ДПМНЕ продолжува да сее страв кај граѓаните, сметаат од СДСМ. Според партијата, ВМРО-ДПМНЕ сега го користи УЈП за да ги заплаши граѓаните, па затоа Управата затвора локални дуќанчиња, продавнички, берберници, кафулиња и микро фирми. 

-Некои проценки говорат дека сумата што Управата за јавни приходи ја касирала од казните за овие 16 фирми е фантастични 52 илјади евра?! Дали во владејачката партија се свесни дека во Битола дуќанџиите со скршено срце раскажуваатдека превентивно, од страв од владините измени во Законот за готовинско плаќање од 31 мај 2013 година, во Битола, САМИ СИ СТАВИЛЕ КЛУЧ НА ВРАТА околу 180 дуќани по разни основи?! Свесни ли сте за ова, господа Груевски, Ставрески и Трајковски? Дали се ова ефектите од вашите казни во полнењата на буџетските и фондовски каси?, рече на денешната конференција партискиот портпарол, Петре Шилегов.

Според партијата, ВМРО-ДПМНЕ ги користи казните за прекршоци како фискален инструмент кој, како што рече Шилегов, се злоупотребува за полнење на празниот Буџет и дупката во Пензискиот фонд. Затоа, вели Шилегов, СДСМ најавува нова и поинаква политика кон прекршоците. 

-СДСМ не е против фискална дисциплина, напротив, со предлог-мерката за поврат на ДДВ јасно ставивме на знаење дека ќе предложиме цел систем на мерки со чија примена значително ќе се влијае на фискалната дисциплина. Денес СДСМ најавува сосема поинаква политика кон прекршоците, од оваа на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Наместо арач за полнење на буџетот, СДСМ ќе ги врати назад прекршоците како правен инструмент за почитување на прописите. За таа цел, најпрво ќе се оди со опомена за сторен прекршок. Доколку биде повторено дело ќе се оди со пониски казни. Евентуално при повеќе пати повторено дело, ќе се спроведат високите казни. Ова е само сегмент од предвиденото во програмата на СДСМ, со којашто како што повеќе пати информиравме, целта е враќање на стабилната средна класа во општеството, истакна Шилегов.

 

 

 

26.10.2013 - 13:33