Сулев за Детектор: Загубите во туристичкиот сектор ќе бидат неколку стотици милиони евра

 

Влатко Сулев од Асоцијацијата на дојдовен туризам вели дека доколку продолжат да растат бројките на заразени сите странски туристи ќе се замислат дали да дојдат во Македонија.

 

-Досега важевме за дестинација која е сигурна. Но, сега ако ни се случи тој раст ме плаши дека тоа што се надевавме како сектор, оти втората половина од годината ќе можеме нешто да спасиме, за жал, ако продолжи ова темпо не верувам, рече Сулев, додавајќи дека најголемиот холандски тур-оператор веќе ги откажал сите патувања за Охрид.

 

Појасни дека загубите во секторот оваа година ќе бидат неколку стотици милиони евра.

 

-Сметајте дека оваа година очекувавме оти туризмот ќе биде некаде околу 500 милиони во националниот Бруто домашен производ. Така што, сметам дека барем 200 милиони сигурно ќе бидат загубени, ако не и повеќе. Минатата година околу 757.000 од турстите беа странци, а домашни околу 600 илјади. Многу е незавидна ситуацијата, рече Сулев, појаснувајќи дека домашните туристи само делумно може да ги намалат загубите.

 

Вели дека Охрид има капацитети за да ги прими сите домашни туристи, но и оние странци кои не се плашат да дојдат.

 

-Ние не сме туристичка дестинација којашто има масовен туризам. Ние сме дестинација сакајќи – не сакајќи развиваме одржлив туризам. Групите кои што не посетуваат се сѐ помали. Имаме одлични предуслови за развивање на планински туризам. Во таа насока, безбедноста на самите туристи е поголема, рече Сулев.

 

Во однос на владините мерки за помош на туристичкиот сектор, тој рече дека се добредојдени, но нема да бидат доволни.

 

-Гледате дека како поминува времето ние имаме нула економска активност. Дел од угостителството се отвори, не и но операторите кои се фабрика за производство на туристичкиот продукт. Додека не се отворат хотелите и границите ние ќе останаме на економска активност нула. Ние сме перспективен сектор кој има иднина и кој повеќекратно ќе ги врати средства, рече Сулев додавајќи дека ваучерите ќе имаат ефект само ако бидат дизајнирани да им помогнат и на сместувачките капацитети и на ваучерите.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

31.05.2020 - 18:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега