Филипче: Имаме помала стапка на смртност од Грција и од Словенија

Министерот за здравство, Венко Филипче во вечерашното гостување на телевизија Телма негираше дека Македонија има највисока стапка на смртност од корона вирус во регионот.

 

Тој вели дека Македонија ги брои и лицата на кои вирусот им бил детектиран постмртно, додека другите земји тоа не го правеле.

-Не е висока стапката на смртност кога се споредува со земјите во регионот. Ние сме земја со пониска стапка на смртност и од Грција и од Словенија. Ние земаме брисеви и постмортум, односно доколку некој бил суспектен, тестираме и тие лица ги внесуваме со статистиката. Голем дел од вкупната бројка на починати се вакви случаи. Другите земји ова не го прават, вели Филипче.

Тој рече дека оваа состојба со КОВИД-19 ќе трае и потребно е сите да ги почитуваат мерките за заштита на сопственото и колективното здравје.

Сепак статистиките покажуваат дека Македонија е на врвот по бројот на смртни случаи на милион жители во регионот.  Според податоците на „Worldometers“, Македонија е на дното по бројот на тестови, а само во Србија се регистрирани повеќе инфицирани отколку кај нас.

Статистиките на овој сајт кој ги собира податоците од целиот свет покажуваат дека Македонија има 54 жртви од коронавирусот на еден милион жители. Веднаш зад нас се Словенија со 51 и Босна и Херцеговина со 44. Потоа следат Србија со 27, Хрватска со 24, Бугарија 19, Црна Гора 14, а Албанија бележи најмалку смртни случаи – 11.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.05.2020 - 22:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега