Податоците од Кредитниот регистар ќе се издаваат без надоместок

Се укина надомстокот за издавање податоци на физички лица од Кредитниот регистар за нивната задолженост кон банките и штедилниците, предвиден со Одлука на Советот на Народната банка која стапи во сила.

Сите граѓани, како што наведуваат во соопштение, кои ќе имаат потреба, извештајот со податоци од Кредитниот регистар ќе го добиваат бесплатно.

Извештајот што го издава Народната банка на барање на физичко лице, содржи податоци за износот на обврските и институциите што ги имаат пријавено на последниот датум на доставување податоци од страна на банките и штедилниците, како и за категоријата на ризик на кредитната изложеност, според навременоста во подмирувањето на обврските и кредитоспособноста. Покрај ова, извештајот содржи и збирен податок за обврските на барателот како жирант.

Барањата за издавање податоци од Кредитниот регистар се поднесуваат лично од барателот или од полномошник, преку писарницата на Народната банка, секој работен ден, во периодот од 8:30 до 15:45 часот. Заради состојбата со пандемијата на ковид-19, во овој период, податоците од Кредитниот регистар се издаваат во вторник и четврток, во периодот од 15 до 16 часот, преку писарницата на Народната банка. Во случаите кога барателот не е жител на Скопје, доколку барањето е поднесено до 11 часот, извештајот со податоците се изработува и се издава во текот на истиот работен ден.

Активно се работи за да се овозможи доставувањето на барањето и издавањето податоци од Кредитниот регистар понатаму да се одвиваат електронски.

Со укинувањето на надоместокот за издавање податоци од Кредитниот регистар, Народната банка настојува во овој период и дополнително да придонесе за намалување на финансискиот товар на граѓаните, во согласност со своите надлежности.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.05.2020 - 10:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа