Приведен угостител од Гостивар бидејќи во кафеаната имал гости
Заменик министерката во МВР Славјанка Петровска, информира дека е приведен гостиварски угостител поради непочитување на владината одлука за затворање на угостителските објекти.
-Денеска (16 март) околу 13 часот, полициски службеници на СВР Тетово – Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода 51-годишниот гостиварец А.А., сопственик на угостителски објект во Гостивар, поради тоа што во неговиот угостителски објект на ул.„Гоце Делчев“, кој бил отворен спротивно на владината одлука и препораките за справување со „корона вирусот“, неколку лица во внатрешноста на објектот користеле услуги, односно биле послужени со храна.
А.А. е задржан во Полициската станица Гостивар и по целосното расчистување и документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок, напиша Петровска на фејсбук.
Таа посочи дека МВР уште еднаш апелира до граѓаните целосно и безусловно да ги почитуваат мерките и да се придржуваат на владините одлуки, препораки и совети и укажува дека секое нивно непочитување адекватно ќе биде санкционирано согласно важечката законска регулатива.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа