Шилегов: Го исполнуваме ветувањето дадено пред родителите

По повод Европскиот ден на логопедијата, градоначалникот Шилегов денеска го посети новиот Центар за ран детски развој, кој со помош на Град Скопје го отвори Сојузот на специјални eдукатори и рехабилитатори, во соработка со УНИЦЕФ. Во овој центар кој е лоциран во катната гаража „Беко“ се врши проценка на потребите на децата за рехабилитација и проценка на потребите на нивните семејства за поддршка, индивидуална и групна работа со деца (третмани и интервенции) и индивидуална и групна работа со родители, односно давање психосоцијална поддршка. Услугите во Центарот може бесплатно да ги користат деца до 6 годишна возраст кои имаат развојни задоцнувања, односно некаква попреченост, а истовремено е обезбедена и поддршка на нивните семејства преку едукација за работа и продолжување на техниките на работење во домашни услови. Со децата и семејствата работи мултидисциплинарен тим составен од стручни лица, специјален едукатор и рехабилитатор, логопед, физиотерапевт, психолог - психотерапевт и негувател, кои активно ги вклучуваат и родителите во терапевтските интервенции.

- Го исполнуваме ветувањето дадено пред родителите. Раната интервенција овозможува стимулирање на развојот на децата преку реализација на активности за развој на вештини, а директната вклученост на родителите придонесува за промовирање позитивни социјални и емоционални интеракции меѓу родителите и децата. Со ова го подобруваме квалитетот на живот на овие деца и на нивните семејства, но и ја зголемуваме нивната партиципација во заедницата што позитивно влијае на  унапредување на квалитетот на животот во градот. Градот Скопје во изминатиот период покажа дека локалната самоуправа навистина може многу да придонесе во социјалната сфера за доброто на нашите сограѓани. Сите центри за поддршка на лица со попречености добија зголемување на финансиската поддршка од Градот за што повеќе корисници да можат да ги користат услугите бесплатно – рече денеска Шилегов.

Тој додаде дека Градот Скопје за првпат воведе и стипендирање на средношколци со попречености и избира првенец на генерација во средните училишта на Градот меѓу учениците со попречености. Дополнително, се овозможуваат бесплатни услуги од образовни асистенти, помагатели во домашни услови и персонални асистенти, како и медицинска нега во домашни услови.

-  

Ги прифаќаме различностите и затоа одговараме на потребите на сите наши сограѓани без исклучок. Скопје е град за сите и затоа бескомпромисно ќе се бориме да го олесниме и подобриме секојдневието на секој сограѓанин кому му е неопходна нашата помош – рече Шилегов.

По повод Европскиот ден на логопедијата, во посета на Центарот за ран детски развој денеска беше и заменик-министерката за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.03.2020 - 14:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега