Аеродром, Гази Баба и Центар за една и пол година ќе бидат поврзани со мост и нов булевар

 Општините Аеродром, Гази Баба и Центар за помалку од една и пол година ќе бидат поврзани со мост и ново модерно булеварско решение што ќе го растовари сообраќајот и движењето во овој дел од градот.

Ова денеска го соопшти градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов кој заедно со градоначалниците на Аеродром, Гази Баба и Центар,  Златко Марин, Борис Георгиевски и Саша Богдановиќ, извршија увид во досегашните активности на проширувањето на булеварот „АСНОМ“.

-Присуствуваме на почнувањето на подготвителните работи за изградба на нов мост што ќе ги поврзува булеварите „Васко Карангелески“ во Аеродром и ул.„Индустриска“ во населбата Ќерамидница во Општина Гази Баба. Вкупната должина на трасата изнесува околу 450 метри, од кои самиот мост е долг 150 метри односно вкупно два моста со шест коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни на мостот, рече Шилегов.

Градоначалникот Шилегов појасни дека се работи за мост како што е мостот „Гоце Делчев“ во центарот на Скопје. Вредноста на договорот во оваа фаза, како што рече, изнесува 365,5 милиони денари со вклучен ДДВ. Проектот се предвидува да заврши за 1,5 година.

-По овој мост предвидено е да сообраќаат и нови автобуски линии со што ќе го намалиме сообраќајниот метеж. Со изградбата на овој мост и пробивањето на  новиот коридор од Ново Лисиче до Судска палата со автомобил и со автобус ќе се стигнува за околу пет минути, а со велосипед за не повеќе од 18 минути, а со пешачење не повеќе од 30 минути, рече Шилегов.

Шилегов потенцира дека изградбата на овој мост постои во планската документација на градот уште од 1965 година.

Според него, поради отсуство на визија за развој на градот немање чувство што се вистинските приоритети на овој град, изградбата секогаш била одложувана за некои таканаречени подобри времиња. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.03.2020 - 12:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега