МПС бара брза и ефикасна реакција од институциите за нападите на полициските службеници

Правосудните органи мора да започнат да ги процесуираат нападите врз полициските службеници во најбрз можен рок, притоа паралелно да ја заоструваат казнената политика и почесто да се применува мерката притвор, истакнува Македонскиот полициски синдикат  во реакција по вчерашниот напад на  двајца полициски службеници во Скопје и денешниот во кој во беше  застрелан полицаец во Велес.

– Како синдикат сметаме дека ова е единствениот начин каде можеме да бидеме сигурни дека во случај на напад врз полициски службеник, институциите ќе реагираат брзо и ефикасно сторителите да бидат најстого санкционирани, стои во реакцијата.

Синдикатот го известува членството и јавноста дека последната година сериозно работат на тоа да се документираат и да се профилираат сите напади врз полициските службеници при вршење на работните задачи и притоа и да се идентификуваат евентуални системски, а се со цел отстранување на недостатоци во системот на заштита на нашите колеги.

Цврсто сме решени да го интензивираме овој процес што бара постојана опсервација и ангажман, но исто така сме сигурни дека само така ќе овозможиме натамошно унапредување на позиција на полицискиот службеник во делот на негова лична безбедност и заштита. Трендот да полициските службеници бидат мета на напад само затоа што професионално си ги извршуваат работните задачи спроведувајќи го законот мора да запре. Сметаме и цврсто стоиме на ставот дека секој напад врз полициски службеник односно било какво девијантно однесување кон луѓето кои секојдневно се грижат за безбедност е индиректен напад врз Република Северна Македонија, стои во реакцијата.

Најавуваат дека за нивната активност во текот на утрешниот ден ќе ги известат сите пријателски полициски синдикати од земјите на ЕУ, кои се членки на Советот на Европски полициски синдикати во кој членуваат повеќе од 250 илјади полициски службеници со барање будно да ја следат состојбата во нашата земја во делот со активностите и евентуалните исходи од понатамошните одлуки на надлежните органи.

-Како синдикат секогаш ќе бидеме на страната на полицајците кои чесно и професионално ги извршуваат своите работни задачи. Само на тој начин ќе придонесеме граѓаните да ја прифатат полицијата како институција која е во служба на граѓаните. Професија која ќе биде главниот постулат во нашата земја, постулат кој ја гарантира државноста, сигурноста и безбедноста во државата и во исто време, полиција – пријател и заштитник на граѓаните. На крајот ги охрабруваме сите полициски службеници да ги пријават сите вербални или физички напади врз нив, и да не потклекуваат на какви било притисоци од било кого тоа да не го сторат. Ние како Македонски полициски синдикат ќе ги штитиме нашите членови со сите средства што ни стојат на располагање, наведува синдикатот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.02.2020 - 15:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега