Во САД изгласано е тримесечно одложување на кризата

Двата дома на американскиот Конгрес одобрија договор со кој се зголеми границата на долгот и се дозволи финансирање на Владата до средината на јануари.

Исходот на двонеделната буџетска блокада е победа на претседателот Барак Обама и неговата Демократска партија.

Републиканците се обидоа да го блокираат финансирањето на здравствената реформа Обамакер, но на крајот, соочени со внатрешен раскол и можните катастрофални економски последици од банкротот на САД, отстапија и добија само една помала отстапка во спроведувањето на Обамакер.

- Веднаш ќе почнеме со повторно отворање на Владата, со цел да го кренеме овој облак на несигурност над нашата економија и нашиот народ. Имам идеи и за остатокот на годината, како да ја вратиме довербата на нашиот народ, која беше загубена, да се фокусираме на прашањата за кои граѓаните навистина се загрижени, изјави претседателот Барак Обама, додека Конгресот се уште гласаше за предложеното решение.

По неуспехот на Претставничкиот дом и спикерот, републиканецот Џон Бојнер да дадат свој предлог, иницијативата вчера ја презема Сенатот, каде демократите имаат мнозинство.

Републиканските членови на Сенатот од крајот на минатата недела почнаа да даваат свои предлози за надминување на кризата, во кои се откажуваа од барањата на своите сопартијци од Претставничкиот дом, поради што вчерашното гласање во Сенатот, околу 8 часот вечерта, го одобри предлогот со 81 глас за и 18 гласа против.

Сите гласови против во Сенатот беа на републикански сенатори, кои се спротиставија на нивниот водач Мич Мекконел, кој го состави конечниот предлог заедно со демократскиот спикер на Сенатот Хери Рид. Против беа младите сенатори Ренд Пол, Марко Рубио, Мајк Ли, и секако сенаторот од Тексас Тед Круз, кој со своето 21 часовно обраќање во Сенатот го предводеше обидот да се запре реформата Обамакер.

Круз остро се нафрли на своите републикански колеги кои им се придружија на демократите и со тоа ја ослабнаа преговарачката позиција на републиканското мнозинство во Претставничкиот дом.

- Целата работа тргна наопаку кога републиканците во Сенатот не застанаа зад републиканците во Претставничкиот дом. Нашите сенатори се поделија меѓу себе и преку телевизиите, радио емисиите и насекаде каде што можеа ги напаѓаа републиканските конгресмени дека не можеме да победиме, дека ова нема да ни успее. Топовските удари од републиканците во Сенатот кон републиканците во Претставничкиот дом ги саботираа нашите напори, изјави Круз.

Сепак, Круз и другите противници на Обамакер решија да не го одолговлекуваат гласањето во Сенатот, на што имаа право, и со што можеа без проблем да ги доведат САД во банкрот.

По гласањето во Сенатот, околу 10 часот вечерта Претставничкиот дом гласаше за предлогот. Спикерот Бојнер можеше да одбие да се гласа за овој предлог, повикувајќи се на правилото да не се гласа за закон кој ја нема поддршката на мнозинството од мнозинската партија.

Но, Бојнер претходно најави дека, поради наближувањето на полноќ, нема да го попречува гласањето за предлогот.

- Водевме чесна борба, но не победивме, изјави спикерот Ставањето на предлогот на гласање, откако за него позитивно се изрази и претседателот Обама, значеше дека и демократските членови на Претставничкиот дом масовно ќе го поддржат.

На крајот, 285 конгресмени го поддржаа решението.

Од нив 198 беа демократи, а 87 републиканци. Против решението гласаа 144 конгресмени, сите републиканци, претставници на конзервативното крило и на Ти партијата, кои беа најгласни во повиците да се запре државното навлегување во здравствениот систем преку Обамакер, и да се почне со намалување на долгот кој веќе денес ќе ја пробие границата од 16,7 трилиони долари.

17.10.2013 - 09:25

најчитано сега