Филе: Статус-кво ситуацијата со македонско-грчкиот спор за името чини многу

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе денеска во Европскиот парламент порача да се реши грчко-македонскиот спор за името. 

- Годинашниот повторен предлог за формирање на преговарачка рамка за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција во рана фаза од пристапните преговори креира состојба за ставање на крај на статус-кво позицијата на овие преговори што многу чинат, изјавил Филе, пренесува МИА.

Филе истакнал и дека идното грчко претседателство со Европската унија е шанса за целиот балкански регион.

- Мојата понуда до грчките власти, што ја формулирав неодамна до грчкиот премиер е „кажете како Комисијата да помогне, за време на вашето претседателство, не само некои земји, туку сите земји во регионот да се придвижат напред во европските аспирации“. Затоа и сега предложивме идентичен предлог како и лани за ПЈР Македонија. Се обидуваме да обезбедиме кај земјите-членки на ЕУ, не само кај една или две, туку кај сите земји-членки дека преговарачката рамка и решавање на спорот во рана фаза на пристапните преговори е гарант и осигурување дека тоа ќе креира подобра состојба за решавање на прашањето за име, истакна еврокомесарот за проширување.

Филе ја изрази и загриженоста поради новите извештаи за неуспех на собраниската работна група за имплементација на препораките на Комисија за настаните од 24 декември минатата година: - Се надевам дека Владата и опозицијата ќе се ангажираат во дијалогот кој нема да го стави под знак прашалник овој договор и неговата имплементаицја, истакна комесарот.

 

16.10.2013 - 14:48

најчитано сега