ЕК даде петта позитивна препорака за Македонија да ги започне преговорите за ЕУ

Европската комисија денеска даде петта по ред позитивна препорака за Република Македонија да ги почне преговорите за членство во Европската унија, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Комисијата покрај преговори, препорачува итен почеток на скрининг-процесот (пред се на поглавјата 23 за слобода, правда и безбедност и 24 за правосудството и основни права) и нова преговарачка рамка за преговорите со Грција за прашањето за името. 

- ПЈР Македонија излезе од политичката криза во која се најде на почетокот на годинава, но загриженоста останува, особено во однос на слободата на изразување и медиумите. Преземени се чекори за подобрување на добрососедските односи. Пошироко, пробив во преговорите што се водат во рамки на Обединетите нации за името е од витално значење, се наведува во делот за Македонија.

Според Комисијата, Македонија доволно ги исполнува политичките критериуми и препорачува да се отворат пристапните преговори: - Пристапниот дијалог на високо ниво е корисна алатка што ќе продолжи да се фокусира на клучните прашања, вклучувајќи ги и добрососедските односи. Но ХЛАД-от не е замена на преговорите за членство. Но, Комисијата останува убедена дека одлуката за започнување на пристапните преговори ќе придонесе за создавање на погодни услови за подобрување на добрососедските односи во целина и особено за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за прашањето за името, што Комисијата смета дека е од суштинско значење, се наведува во извештајот.

Неформалната Влада на ЕУ, исто така, наведува дека „по речиси две децении интензивна политичка заложба од сите страни во процесот се бара конечно да се дојде до решение, со активно ангажирање на меѓународната заедница”.

- По петти пат, Комисијата препорачува отворање на пристапните преговори со оваа земја. Не е донесена одлука од страна на Советот за одобрување на датум. Непостапувањето по оваа препорака претставува потенцијален сериозен предизвик за ПЈР Македонија и за Европската унија. Ова го доведува во прашање кредибилитетот на процесот на проширување кој е базиран на јасна условеност и принципот на сопствени заслуги. Недостатокот на веродостојна ЕУ-перспектива ја става на ризик одржливоста на реформските напори на земјата, порачуваат од Комисијата.

Комисијата смета доколку скрининг-процесот и дискусиите на Советот за преговарачката рамка се одвиваат во исто време, ќе се создаде потребниот импулс што ќе поддржи изнаоѓање на компромисно и заемно прифатливо решение за името, дури и пред да се отворат преговарачките поглавја. Со примена на нов пристап кон поглавјата 23 и 24, исто така, во ПЈР Македонија ќе ги обезбеди потребните алатки за справување со клучните прашања што е од интерес и на земјите-членки и ќе придонесе за одржливост на реформите.

Во однос на билатералните односи со други земји, се забележува одлична релација и напредок во односите со Србија, Албанија, Хрватска, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Турција. Во односот со Бугарија се забележува дека тие се засегнати поради интерпретацијата на историјата, додека за односот со Грција се потенцира дека е засегнат поради прашањето за името, додека на друго ниво односите со добри.

Исто така, се потенцира дека е предложен нов закон за медиуми и медиумски услуги кој содржи и одредби за слобода на изразување и медиумите, но дека „за време на фазата на консултации тој беше критикуван од страна на некои засегнати страни како потенцијално отворен за злоупотреба”.

- Постои континуирана загриженост за недостатокот на транспарентност на владините реклами и авто-цензура поради економски притисоци врз новинарите и сопствениците на медиумите. Поларизацијата на медиумите и сиромашните професионални стандарди го спречуваат правото на јавноста за пристап до различни ставови и точни информации, порачуваат од Еврокомисијата.

- Процесот е изградена на строга, но фер условеност, а напредокот кон членството зависи од чекорите преземени од секоја земја за да се задоволат утврдените критериуми. Ова е од клучно значење за кредибилитетот на политиката на проширување и за обезбедување стимуланс за проширување. Владеењето на правото сега е во срцето на процесот за проширување, а новиот пристап одобрен од Советот во декември 2011 година значи дека земјите мора да ги допрат прашањата како реформи на правосудството и борба против организираниот криминал и корупцијата во раната фаза на пристапните преговори, се наведува во извештајот што претходно ексклузивно го објави МИА.

Комисијата бара засилување на демократските институции, почитување на основните човекови права, добрососедски односи, регионална соработка и потреба од обновени напори за надминување на билатералните спорови меѓу земјите во процес на пристапување и со земјите-членки на ЕУ.

- Билатералните прашања не е треба да го задржуваат процесот на пристапување, порачува ЕК, во контекст на блокадите од Грција и Бугарија на процесот на евроинтеграција на Македонија.

Идната година, според ЕК, стартува и вториот Инструмент за предпристапна помош наречен ИПА-2 што ќе изнесува 11,7 милијарди евра за наредните седум години достапни за подобрување на инфрструктурата и реформи во повеќе области за земјите-кандидати и потенцијални кандидати.

За клучните предизвици за земјите од Западен Балкан, Комисијата ги наведува: економско владеење и конкуренција, владеење на правото, функционирање на институциите што гарантираат демократија, основни права и надминување на наследството од минатото. Притоа, се додава дека визната либерализација за земјите од Западен Балкан предизвикала кај сите нив да преземат реформски чекори во однос на овој процес.

Во овој документ каде се сублимирани деталите од целосниот извештај за Македонија што изнесува точно 63 страници, се наведува дека „дваесет години по влезот на земјата во Обединетите нации, решение на прашањето за името треба да се најде без понатамошно одложување”.

Официјален Брисел издвојува простор и за политичката криза што следеше во Македонија по настаните во Парламентот што се случија при крајот на минатата година. Па, така, во извештајот се наведува дека тоа „покажа длабока поделба меѓу политичките партии, влијаејќи на функционирањето на Парламентот и демонстрираше потреба за конструктивна политика во национален интерес”. Во однос на објаснувањето во извештајот на овие настани се наведува дека „за време на усвојувањето на буџетот за 2013 година, присилното отстранување на опозициските пратеници и на новинарите од парламентарната сала, резултираше со тоа најголемата опозициска група да го бојкотира Парламентот и да се закани со бојкот на локалните избори”.

ЕК наведува дека долготрајниот ќорсокак бил решен со имплементација на политичкиот договор од 1-ви март што вклучи враќање во Парламентот на опозициските пратеници, учество на локалните избори, прогресивни препораки од страна на Комисијата за истраги на собраниските настани, потпишување на меѓупартиски Меморандум за разбирање во однос на стратешките евро-атлантски цели на земјата и понатамошна работа на изборните реформи. Притоа, се потенцира дека обнова на дијалогот меѓу Владата и новинарите останало неисполнето, а дека консензусот за извештајот на Комисијата за истраги покажал оти е можно, со политичка волја и преку дијалог и компромис, да се најдат конструктивни решенија, но дека препораките на Комисијата за истраги треба да бидат имплементирани во целост.

- Генерално, земјата продолжува доволно да ги исполнува политичките критериуми. Локалните избори во март/април 2013 година беа оценети од страна на ОБСЕ/ОДИХР како професионални и ефикасно администрирани, истакнувајќи дека постои замаглување на дистинкцијата меѓу државата и партијата и препорачаа дополнителни измени на изборната легислатива. Земјата го заврши најголемиот дел од своите судски реформи меѓу 2004 и 2010 година. Натамошен прогрес е направен годинава во областа на ефикасност на судството, а прогрес има и во воспоставување на сеопфатни податоци за анти-корупција спроведување на досегашната практика, што би требало и да се изгради во иднина, стои во извештајот на ЕК за Македонија.

Во однос на слободата на изразување, се потенцира дека „напредокот во дијалогот со медиумите е во застој по протерувањето на новинарите од Парламентот, а и покрај развојот на законодавната рамка, репутацијата на земјата за слобода на медиумите се влошува”. Притоа, исто така е наведено и дека „затворањето на голем број медиумски места во последниве години, исто така ја намали разновидноста на различни ставови достапни до граѓаните”.

Се потенцира високиот степен на поларизација во медиумите што „поради политичка погодност го отежнува развојот на објективно известување, става економски притисок на новинарите и на сопствениците на медиумите, (вклучително и по пат на чудна употреба на владините рекламирања) и ги одржува лошите професионални стандарди”.

ЕК укажува дека дијалогот меѓу Владата и претставниците на медиумите мора да се обнови, да произведе конкретни резултати, да ја промени медиумската култура, како и да воспостави клима на засилување на довербата. Мора да се имплементираат преостанатите препораки на ОБСЕ/ОДИХР, се вели во извештајот.
           

- Земјата веќе достигна високо ниво на усогласеност во однос на тоа каде се наоѓа во процесот на спроведување на постојната легална и политичка рамка, слична со земјите кои веќе се поврзани во процесот на преговори. Во областа на владеењето на правото, независноста и компетентноста на судовите мора да бидат понатаму подобрена и поголем фокус да се стави на квалитетот на правдата до граѓаните, порачуваат од ЕК.

Во однос на корупцијата, за Македонија се вели дека таа останува „распространета во повеќе области и дека продолжува да биде сериозен проблем”. Па, затоа, Комисијата порачува дека земјата треба да демонстрира материјално влијание од постоечките анти-корупциски мерки и да имплементира ефективни мерки во борбата со организираниот криминал.

Во врска со стратегијата за интеграција на Ромите, ЕК препорачува проактивност, како и дека „се потребни поголеми напори во борбата против нетолеранцијата, меѓуостанатото и во однос на ЛГБТИ-групите.

Исто така, Комисијата го посочува значењето на Охридскиот договор, за тоа дека е посебно важно за меѓуетничките и меѓузаедничките односи, да се комплетираат неговите препораки и истите да се применат. - Ова, како и продолжувањето на децентрализацијата се клучни елементи на договорот што ќе придонесат за стабилноста во државата и надвор од неа, велат од Брисел.

Што се однесува до економските критериуми, во извештајот се вели дека Македонија добро напредува во некои области, дека е направен натамошен прогрес кон функционирачка пазарна економија и дека државата треба да биде во состојба да се соочи со притисокот на конкуренцијата и пазарните сили внатре во Унијата на среден рок, доколку таа силно ја имплементира програмата за реформи за да се намали значајниот структурни недостатоци.

- Економските активности стагнираа во 2012 година, а економскиот раст се обнови во првата половина на 2013 година. Но, имајќи ги предвид предизвиците од надворешното опкружување, макроекономската стабилност е зачувана. Невработеноста останува многу висока, посебно кај младите лица, а растот на дефицитот и јавниот долг ја зголемија ранливоста на државата, порачува Европската унија.

Затоа, од Комисијата велат дека се потребни мерки за соочување со причините за висока невработеност, посебно со решение на способноста за работа. - Одржливоста на јавните финансиии мора да се засили, а фискалната политика мора да се прилагоди на приоритетите на структурна реформа и да се ориентираат кон трошење што ќе го зголеми растот, порачува Брисел.

Исто така, во извештајот се потенцира оти воведување на фискална рамка во среден рок и стратешко планирање би требало да придонесат во засилување на фискалната дисциплина. Дека се потребни понатамошни напори за ефикасно да се спроведува јавниот финансиски менаџмент, за да се осигура најефикасно и транспарентно користење на јавните и ЕУ-фондовите.

- За да се осигураат поголеми приватни инвестиции, потребни се натамошни напори за подобрување на работната околина што негативно е погодено со корупција, како и претераното долгата и скапа процедура на пазарот. Неформалниот сектор останува важен предизвик, а земјата има длабока и широка соработка со Европската унија во сите области на европското законодавство и таа е во напреден степен на ускладување на легислативата, на стретешко и институционално ниво, со фокус на административните капацитетии механизми за координација внатре во државната администрација, за да се осигура ефикасна имплементација, потенцираат од ЕК.

Притоа, се потенцира дека Македонија направила голем прогрес во подобрување на способностите за преземање на одговорност за членство, дека државата продолжува да ги исполнува обврските преземени во рамки на Договорот за стабилизација и асоцијација во очи на десетогодишнината од стапување на сила на овој договор, а дека на подрачјето на внатрешен пазар имаме добро ниво на ускладување на легислативата е направена во областа на движење на робата, поштенски услуги и трговско право.

- Во областа на правосудство и внатрешните работи, државата добро напредувала во подготовката за визната политика, надворешните граници и шенген, како и полициска соработка. Реформата на јавната администрацијата мора да продолжи со имплементација на принципите на транспарентност, заслуги и рамноправен ангажман. Понатамошни чекори се потребни посебно во подрачјето на регионална политика, заштита на околината и климатските промени, каде мора да се подобри имплементацијата на проектите финансирани од страна на ЕУ, како и квалитетот на водата, индустриското загадување и контрола на риск менагемент, порачуваат од Унијата.

Што се однесува до социјалната политика на вработување, во комисискиот извештај се наведува дека се потребни мерки за да се постигне инклузивен и ефикасен пазар, како и дека мора да се засилат внатрешните финансиски контроли во јавната администрација.

- Се на се, државата постигна ниво на ускладеност со европското законодавство на доволно ниво за да може да оди во следната фаза од пристапниот процес, се посочува на крајот од извештајот.

Пред европратениците, комесарот Филе денеска порача дека „во прегрес-извештаите за земјите-кандидати и потенцијални кандидати, ЕК препорачува доделување на кандидатски статус на Албанија и по петти пат отворање на пристапните преговори со ПЈР Македонија”.

- Проширувањето е процес на создавање и покрај економската криза тоа е добра политика оти е дел од решението. Проширувањето продолжува да биде една од најефикасните политики на ЕУ. Со решавање на основните права, како борбата против корупцијата, силно економско управување, слободата на изразување и медиумите, човековите права и заштита на малцинствата. Тоа ја јакне и политичката и економската стабилност во змејите-аспиранти и на ЕУ како цлеина, порача Штефан Филе.

МИА

16.10.2013 - 14:41

најчитано сега