ФОТО: Погледнете како ќе изгледаат новите етикети на вината на „Тиквеш“
Креативното решение на авторот Дијана Димитриевска од Македонија ја доби првата награда на меѓународниот повик организиран од Skopje Design Week и винарската визба „Тиквеш“. Ова уникатно дизајнерско дело ќе биде новата етикета на виното Chardonnay на ВВ „Тиквеш“ од бербата 2013 година.
На повикот кој беше објавен пред два месеца се одзваа 247 креативци од 29 земји. Во „Тиквеш“ пристигнаа вкупно 463 решенија. Заради големиот број пристигнати квалитетни дизајнерски решенија, „Тиквеш“ одлучи, наместо една награда од 500 евра, да додели вкупно шест награди и тоа: 1500 евра за најдоброто решение, две награди од по 1000 евра за второпласираните и три награди од по 500 евра за третопласираните дизајни.
„Големиот број квалитетни креативни решенија ги надмина и нашите најоптимистички предвидувања. Ова е најдобар показател дека врвното вино на „Тиквеш“ поседува високи вредности кои будат креативна инспирација не само кај домашните, туку и кај дизајнерите ширум светот. Тоа нѐ мотивираше да го зголемиме наградниот фонд, затоа што „Тиквеш“ е компанија која знае да го цени и соодветно да го награди квалитетот“, изјави маркетинг менаџерот на ВВ „Тиквеш“, Елена Младеновска Јеленковиќ.
Покрај паричните награди, најдобрите дизајни добиваат можност да бидат аплицирани на врвните производи на „Тиквеш“ кои во иднина ќе се продаваат во земјава и светот.
„Искажувајќи задоволство од целокупниот процес на прием и селекција на пристигнатите дизајнерски решенија, како и од соработката со винарската визба „Тиквеш“, директорот на SkopjeDesign Week, Александар Велиновски рече: „Ова е токму она што го посакувавме и што ни е потребно на сите нас кои сме со дизајнот, како дел од креативната индустрија, но и како поддршка на бизнисот на кој му е неопходна дополнителна вредност, естетика и препознатливост. Охрабрени сме од она што го постигнавме со „Тиквеш“, кој уште еднаш докажа дека има сенс за вредноста што ја носи со себе добриот дизајн. Тоа истовремено е одлична препорака и за останатите домашни компании дека вложувањето во идентитетот и брендот е оправдана инвестиција“.
Во рамки на SkopjeDesign Week 2013беше организирана и специјална изложба наВВ „Тиквеш“ – „Најдоброто од југот“, која совршено се вклопи во автентичноста на „Куршумли ан“ и која поради одличниот прием кај посетителите, ќе биде дел и од останатите регионални фестивали и изложби за дизајн што ќе се одржуваат во текот на 2014-та година. Посетителите на годинешниот SkopjeDesign Week имаа дополнителна можност да ги видат и уникатните парчиња мебел, помагала за домаќинство и декоративни предмети кои ги изработија 12 креативци од Македонија од амбалажа на„Тиквеш“.