ФОТО: Идните полицајци паднаа во заседа
320 идни полицајци кои го посетуваат курсот за основна обука за полицаец, во периодот од 23. септември до 02. октомври на терените во и околу Центарот за обука ги реализираа предвидените наставни теми и содржини.
Како што информираат од МВР, целта на логорувањето како симулација на автентична професионална средина беше кандидатите, низ серија програмирани ситуации кои приближно ги доловуваат реалните локации, настани и активности, да се стекнат со знаења и вештини кои ќе ги увежбаат и зацврстат стекнатите компетенции и да се подготват за поуспешно справување со идните реални ситуации на работните места.
-Врз основа на претходно изготвениот наставен план на терените во Центарот за обука првично се воспостави и организира логорот со служби и обезбедување, но и се обработи наставната тема картографија со топографија. Потоа на стрелиштето во Центарот за обука беше спроведено гаѓање со Автоматска пушка М70 калибар 7,62 мм како и гаѓање со Пиштол ЦЗ 99 кал 9 мм. Слушателите беа транспортирани до месноста Чојлија, кај с. Петровец каде ги увежбуваа оперативно - тактичките мерки и активности како што се заседа, рација, блокада, потраги. Исто така беше спроведен марш од селото Катланово до езерото с. Брезница (велешко) и назад пришто беше увежбуван правилниот начин на движење и совладување на отворен простор. Во Центарот за обука беа совладувани и темите како што се справувањето со повреда на државна граница, беше презентирана техничката опрема за надзор на границата како и обезбедување на лице место на задес или незгода, стои во соопштението од МВР.
Полициско-теренската обука беше успешно реализирана од страна на советниците – обучувачи од Центарот за обука и припадници на ЕСЗ и ЕБР.