ФОТО: Македонија го чисти отпадот
Oпштина Илинден и годинава успешно ја реализираше големата еколошка акција „Македонија без отпад“ со расчистување на отпадот на две локации. Се чистеше крај локалниот пат кај излезот од Миладиновци кон автопатот, меѓу пругата и патот, како и во локалната економска зона Марино-Кадино.
Во акцијата што започна во 08:00 часот покрај граѓаните на Општина Илинден се вклучија и вработените во општинската администрација, јавните претпријатија, како и невладините организации. Во расчистувањето беа употребени и специјални возила за собирање и транспорт на отпадот.
Реализацијата на овој проект има за цел да го исчисти отпадот што се наоѓа на несоодветни места во околината, да развие свест кај граѓаните за правилно управување со отпадот и да развие механизми за поддршка на граѓаните, општините и другите засегнати групи за подобро да се справат со неорганизираното и незаконско фрлање отпад во нивните заедници.
Активно учество во акцијата земаа и училиштата, кои во текот на минатата недела реализираа повеќе активности како расчистување на училишните дворови и садење на цвеќиња.
Националната кампања „Македонија без отпад 2013“ се одржува речиси во сите општини во земјава. Целта на кампањата е да поттикне граѓански активизам и да ја развие свеста и навиките кај сите граѓани за правилното управување со отпадот. Главниот акцент е ставен на собирање и правилно одложување на отпадот на одредени локации.
Акцијата е дел од националната кампања која се состои од активности за чистење на отпадот, едукација и промоција. Со кампањата, граѓаните на Република Македонија се вклучуваат во глобалната акција „Lets'do it! World 2013“, која е и официјално поддржана од Европскиот Парламент, а оваа година ќе се одвива во 107 земји.
Во централната акција на кампањата на локација Дива депонија под железничка пруга ќе се вклучат министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми, заменик-министерот Стево Темелковски и градоначалниците на Град Скопје и на општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски. Според најавите, на акцијата ќе се прилучат и претставници на дипломатскиот кор во Македонија, на пратеничките групи, државните службеници и на бизнис секторот.