Литванскиот и романскиот министер за надворешни работи доаѓаат во Македонија

Министерот за надворешни работи на Република Литванија и Претседавач со Советот на ЕУ, Линас Линкевичиус и Министерот за надворешни работи на Романија и Претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Титус Корлацеан на 6 и 7 октомври 2013 година ќе престојуваат во заедничка посета на Република Македонија.

-На 6 октомври министрите Линкевичиус и Корлацеан ќе имаат средба со министерот за надворешни работи, Никола Попоски. Следниот ден, тие ќе бидат примени од страна на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и претседателот на Владата Никола Груевски, а ќе имаат и заедничка средба во Собранието на Република Македонија со претседателите на Националниот совет за европска интеграција, Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешни работи и Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет со Европската унија, соопштуваат од МНР.

На средбите ќе стане збор за процесот на пристапување на Република Македонија во Европската унија во пресрет на објавувањето на Извештајот на Европската комисија на 16 октомври 2013 година и состаноците на Советот на ЕУ и Европскиот Совет во декември 2013 година. На средбите, исто така, ќе се разговара за регионалната соработка во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

05.10.2013 - 10:54

најчитано сега