Дејвид Камерон: Не знам колку чини лебот бидејќи сам го месам

Премиерот на Британија Дејвид Камерон изјави дека не знае колку чини лебот, затоа што сам го меси и пече.

Камерон, кој се школувал во елитниот колеџ Итон и на Универзитетот Оксфорд, изјави дека не купува леб, затоа што користи домашна машина за месење и печење, а брашното го купува од воденица во својот изборен округ, во југот на Англија.

- Го ставате брашното во машината за леб, го местите тајмерот за да се вклучи машината во текот на ноќта и кога ќе се разбудите, преубав мирис се шири од кујната. Потребно е само 30 секунди да ставите состојки во машината, изјави премиерот за лондонското Радио LBC. Тој додаде дека неговите три деца го „обожуваат неговиот домашен леб“.

Водителот на радио-програмата сепак го информираше премиерот дека лебот во продавница чини 47 пени (0,56 евра).

Лондонскиот градоначалник, Борис Џонсон, исто така поранешен ученик на Итон и Оксфорд, призна за радиото дека не ја знае цената на млекото.

Кога му било кажано дека млекото чини половина помалку отколку што тој проценил, Џонсон рече: - Ете, јас не ја знам цената на млекото, па што?

Потпретседателот на опозицијата, Лабуристичката партија, Мајкл Дагер за истото радио изјави дека премиерот „нема врска со реалноста“.

- Единствено изненадување беше што рече дека има машина за печење леб. Поголемиот дел од луѓето би претпоставиле дека тој има барем фурна, а не само таа машина, рече тој.

На Британските политичари често им се поставуваат прашања за цените на продуктите се со цел за да се провери дали знаат како живеат нивните сограѓани.

02.10.2013 - 12:24

најчитано сега