Јанкулоска: Шилегов на суд ќе ги објасни своите лаги
Една лага, останува лага дури и сто пати да се повтори. Два плус два секогаш ќе бидат четири, без разлика што Шилегов упорно ќе повторува дека се три или пет.
Еве ги таксативно сите лаги, што беа аргументирано побиени и кои ќе треба да ги објасни пред суд:
1. За манипулацијата дека незаконски сум заработила 200 000 евра, ниту објасни каде се парите, ниту на кој начин сум ги заработила. Самиот измисли сума, ја кажа и потоа беше најостро демантиран од Управата за јавни приходи, но и од документите со кои се докажува продажбата на стариот стан и подигнувањето на долгорочен кредит.
2. За манипулацијата дека не постои кредитот од 90 000 евра, повторно беше најостро демантиран со договорот кој го имам склучено со Шпаркасе банка.
3. За манипулацијата дека кредитот не сум го пријавила во Државната комисија за спречување на корупцијата, беше најостро демантиран од таму, но и од документите
4. За манипулацијата дека ратата која што сум ја отплаќала изнесувала 3 500 евра, повторно беше експресно демантиран со документот од банката од кој јасно се гледа дека во амортизациониот план јас и мојот сопруг исплаќаме рата во висина од 550 евра
5. За манипулацијата околу големината на становите, најостро беше демантиран со имотните листови од кои сите граѓани можат да видат колкав е станбениот простор.
Еве ги повторно и сите документи во прилог на демаскирањето на клеветите на СДСМ.
Сите овие прашања јасно ја покажуваат стратегијата на СДСМ во оваа фабрикувана сторија. Една лага да се покрива со друга. Да се заборави претходната манипулација и срамот, со пласирање на нова. Јасно е за СДСМ дека ниту документите, ниту договорите, ниту официјалните изјави на државните институции имаат некаква тежина во споредба со партиска агенда. Доколку држат до некакво достоинство треба да одговорат каде и зошто одеднаш исчезнаа сите овие теми и прашања кои ги отворија. Лично не верувам дека постои капацитет за такво нешто. Затоа верувам дека судот што е можно побргу ќе ги закаже рочиштата каде ќе може во соодветна постапка да побарам надомест за нанесените штети. Јасно ми е дека до тогаш, заради паниката од губењето на процесот ќе продолжи старата стратегија.
(Интегрален текст од реакција на Гордана Јанкулоска на денешната прес-конференција на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов)