ФОТО: Спектакуларен концерт на „Сегед“ во Илинден - погледнете дел од атмосферата
Унгарскиот фолклорен ансамбл „Сегед” (Szeged Táncegyüttes) одржа концерт во Домот на култура „Илинден“.
-Со својот ексклузивен настап пред публиката го прикажа методот на пренесување на културното наследство преку народни танци, популарен во Унгарија, а кој се наоѓа на листата на УНЕСКО. Покрај концертот, публиката имаше можност да ужива и во презентацијата на народните носии , инструменти и унгарскиот јазик, информираат од Општина Илинден.
Во публиката присуствуваа и унгарскиот конзул Сашо Јанакиевски, градоначалникот на Општина Илинден Жика Стојановски како и претставници од унгарската заедница.
Фолклорниот ансамбл Сегед е основан во 1955 година и е најстариот ансамбл кој има водечка улога во културниот, образовниот и уметничкиот живот во градот Сегед. Иако програмата на фолклорниот ансамбл има образовен карактер и во ансамблот претежно членуваат млади луѓе сепак нивните концерти се наменети за сите генерации.
Танцовата група „Сегед” веќе 20 години редовно организира меѓународни фолклорни фестивали и форуми и редовно учествува во национални и меѓународни престижни професионални фестивали и досега се има закитено со многу награди и признанија. Свои турнеи имале низ цела Европа, Алжир , Кореја , Египет, Јапонија и Канада.