Асад: Ќе ги исполниме условите од договорот за хемиското оружје

Сирискиот претседател Башар ал-Асад изјави дека ќе го почитува планот што предвидува уништување на хемиското оружје што го поседува Сирија. Асад предупреди дека за тоа ќе биде потребна една година во интервју за американската телевизија „Фокс њуз“.

- Странските влади ги поддржуваат бунтовниците и така хемискиот гас сарин можел да дојде во нивни раце. Зошто ние би го користеле гасот кога армијата напредува во офанзивата, истакна сирискиот лидер.

- Вашингтон, за разлика од Москва, се обидува да се вмеша во тоа како ќе изгледа власта во Сирија. Послушај ги своите граѓани, следи го нивниот здрав разум, му порача Асад на американскиот претседател Барак Обама.

- Ако американската администрација е подготвена да ги плати тие пари и да ја преземе одговорноста за пренос на токсичните материјали, зошто не го преземе веднаш, праша Асад.

- Сирија не се повлекува пред заканите, туку одговори на руската иницијатива и поради нашите потреби и убедувања кои ги имаме. Ова засега е политика меѓу големите сили, додаде Асад, осврнувајќи се на разликите кои постојат меѓу Вашингтон и Москва околу резолуцијата на Советот за безбедност на ОН.

Тој потврди дека Сирија поседува хемиско оружје и дека уште во 2003 година предложила на ОН сите земји од Блискиот Исток да се обврзат дека ќе го уништат и ќе создадат регион без хемиско оружје, но САД тоа тогаш го одбиле.

19.09.2013 - 09:12

најчитано сега