САД сакале да се стави крај на проширувањето на НАТО

Во 2012 година Белата куќа и Стејт департментот ја разгледувале опцијата да и понудат на Русија крај на проширувањето на НАТО, пишува американскиот весник Вол Стрит Џурнал.

Во весникот се вели дека ова би била една од отстапките кои САД ги разгледувале како можност да влијаат врз рускиот претседател Владимир Путин, да се стави крај на неговата поддршка за сирискиот диктатор Башар ал Асад, извести дописникот на МИА од Вашингтон.

- Во почетокот на 2012 година, претставници на Белата куќа и на Стејт департментот се запрашаа себеси што точно САД се подготвени да сторат за да ја предомислат Русија во нејзината поддршка на сирискиот претседател Башар ал Асад. Дали да ги намалат одбранбените ракетни системи во Европа? Да ги редуцираат плановите за проширување на НАТО? Нивниот заклучок беше дека не вреди овие иницијативи да се жртвуваат за да се постигне договор околу Сирија, која тогаш беше пониско на списокот надворешно-политики приоритети, пишува американскиот весник, повикувајќи се на поранешни американски функционери.

Според весникот како главна причина поради која оваа замисла не се реализирала, е што граѓанската војна во Сирија лани немала толку значајна улога во американската политика, но, дури и денес, кога Сирија е водечка тема, Белата куќа не била подготвена за ваков договор.

- Сирија сега е главно прашање, но Белата куќа се уште не сака да ја поврзе со, за неа, подолгорочните национално-безбедносни прашања, пишува Вол Стрит Џурнал, повикувајќи се на соговорник во Белата куќа.

Официјално САД имаат политика на отворени врати за НАТО, а кандидатки за членство, покрај Македонија, се и Црна Гора која веќе е далеку напредната во кандидатурата, Босна и Херцеговина која се соочува со сериозни проблеми на патот кон НАТО, и Грузија која е на самиот почеток. Освен овие четири земји, во опција се и неутралните Шведска и Финска.

Од Вол Стрит Џурнал не наведуваат повеќе детали за идејата САД да се откажат од проширувањето на НАТО, и тоа да го стават како пакет на маса на разговорите со Путин. Се претпоставува дека ова најмногу би се однесувало на Грузија, која имаше куса војна со Русија во 2008 година, и на чие членство во НАТО Москва силно се спротивставува. Проширувањето на НАТО нема многу високо место во приоритетите на американските власти по заминувањето на Џорџ В. Буш во 2009 година.

- Не мислам дека за администрацијата на Барак Обама проширувањето на НАТО е висок приоритет. Најсериозен показател за тоа видовме кога државната секретарка Хилари Клинтон даде навистина силна најава дека проширувањето на НАТО треба да биде на агендата на следниот самит. Тоа беше кажано во нејзините последни денови на функцијата, а во остатокот од администрацијата јас не гледам некој друг поединец кој би притискал толку силно проширувањето да биде приоритет за САД, вели Хорхе Бенитез, експерт на Атланскиот совет на САД, во интервју за МИА направено пред да се објави текстот во Вол Стрит Џурнал.

13.09.2013 - 09:48
Фото: 
Алфа.мк

најчитано сега