Груевски: Неспособната власт на СДСМ прави политички тетаар со автопатите

Сумирајќи ја првата година на оваа власт која е коалиција на две партии кои од надвор ги договорија и им кажаа дека ќе бидат коалиција, едната од нив СДСМ- поразена на изборите во декември 2016-та, другата ДУИ – преполовена по бројот на пратеници на истите избори, фокусирајќи се на делот на инфраструктурата и капиталните инвестиции, неизбежен и видлив е застојот и откажувањето на многу инфраструктурни проекти и на многу крупни такви проекти, пишува почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на својот Фејсбук профил.

-Тоа предизвика губење работа на многу градежни фирми и фирми од уште 26 индустриски гранки кои се поврзани со градежништвото, како лимари, стаклари, фирми за електрични инсталации, фирми транспортери на земја, индустрија на плочки, водоводни инсталации, фирми производители и трговци со градежни материјали, фирми кои плаќаат концесија за песок, чакал, и други градежни материјали, осветлувања и уште што ли не. Сето тоа влијае како на невработеноста, така и на помалку пари во буџетот, кое веќе е евидентно. Влијае и на пад на економијата. Но целта е политичка, а тоа е проектите кои се во длабока фаза на градба да се прикажат како проекти на СДСМ, а не на ВМРО-ДПМНЕ, напиша Груевски и додаде:

„Еден таков проект е градбата на нов автопатот Скопје – Штип, преку Свети Николе. Тој беше готов над 70 проценти во моментот на трансфер на власта. Тоа значи дека овој автопат, доколку не се сменеше власта и не направеше вештачки застој, денес во април 2018-та ќе беше изграден и пуштен во употреба. Скопјани кои патуваат кон источна Македонија, а уште повеќе штипјани, струмичани, кочанчани, виничани, беровци, радовишани итн денес ќе возеа на далеку побезбеден пат и ќе стигнуваа од Штип за Скопје или обратно за околу 35 минути наместо за еден час како што е сега. Најголем дел од сообраќајните несреќи кои се случуваат секој ден ќе се избегнеа, работата, движењето и превозот ќе беше многу побрз и со помала амортизација на возилата, како и заштеда на гориво. Новата власт на СДСМ, неспособна да направи некој нов проект и мотивирана од се и сешто, за да прави лажна сензација и фабрикувани случаи, ја сопре работата на патот со образложение дека фирмата градител барала анекс и дополнителни средства, затоа што работите на терен покажале дека треба зголемување на инвестицијата. На крајот, по речиси една година застој, видоа дека тоа што го бара фирмата градител е реално и нужно, и не го раскинаа договорот со таа фирма туку потпишаа анекс на тој договор. Во меѓувреме стотици телевизиски прилози и настапи на новата власт за сето ова. Политички театар. А всушност, не постои изградба на пат, железница, крупен енергетски проект, каде што при градбата не излегуваат вишоци и кусоци за кој се прават анекси. И во Македонија, и во цел свет. Стотици примери на градби на автопати има низ Европа, Америка и цел свет каде се почнал автопат со една проектирана цена, но во тек на градба се утврдува реалната состојба која ангажираниот надзор од државата ја констатира и на база на тоа потпишува анекс договор кој најчесто е зголемување на цената. И тоа е реалната цена на автопатот“.

Нема крупен инфраструктурен проект во Македонија, вели Груевски, кој не завршил со еден или повеќе вакви анекси, независно дали ВМРО или СДС биле на власт.

-Но, народот, или најголем дел од народот тоа не го знае, па преку заробените медиуми СДСМ речиси цела година водеше кампања како да којзнае што се случило. Така, првиот ефект во перцепцијата на народот кој сакаа да го постигнат беше дека во тој проект има нешто сомнително, а вториот, кога ќе се заврши патот, перцепцијата на народот да е како да СДСМ целосно го завршила тој проект, односно тој автопат. Како што сега тргнале, автопатот најрано ќе се заврши средината на 2019-та, и дотогаш навистина многу од луѓето ќе заборават дека кога СДСМ дошла на власт 70 осто бил завршен, со обезбедена финансиска конструкција и за преостанатите 30 осто. Тоа е СДСМ. Фактот што 1000 работници, 1000 семејства со месеци не земаа плата бидејќи не работеа, се само колатерална штета на поентирањата на неспособниот СДСМ.

 

 

 

 

24.04.2018 - 13:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега