Ѓорѓиевски: СДСМ не знае да управува со државата, криминалци слободно можат што сакаат да прават

Со самото неделување и неоткривање власта испраќа јасен сигнал до сите криминалци дека слободно можат што сакаат да прават. Бидејќи МВР нема да ги гони. СДСМ не знае да управува со државата, изјави денеска Ѓорѓиевски на прес конференција.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Република Македонија не e безбедно место за живеење. Членот на ИК, Орце Ѓорѓиевски денеска на прес кажа дека не поминува ниту еден месец без брутално убиство на улиците. Како што вели тој граѓаните се исплашени и вознемирени.

-Убиството на Наип Реџепи во Мала Речица, во вооружена пресметка меѓу две групи, како во сцена од мафијашки филм е само доказ дека власта не може да ја гарантира безбедноста за нашите граѓаните. Уште потрагично е тоа што криминалците кои се пукаа по улиците и ја загрозија безбедноста се токму дел од власта. Од каде им е оружјето на овие партиски членови и зошто МВР затајува и со превенција и со репресија, толерирајќи ги ваквите вооружени групи? Дали се ова вооружените групи кои биле подготвени да тргнат кон Собранието на 27-ми април и да пукаат во нашиот народ? Зошто Агим Нухиу ако ја имал оваа информација, заедно со Оливер Спасовски не презеле мерки за да ги елиминираат и неутрализираат овие две групи? Дали истите се оставени да делуваат и да служат за испраќање на пораки? Чувствуваат ли Спасовски и Нухиу морална одговорност за изгубените животи?, прашува Ѓорѓиевски.

Тој вели дека одговор на овие прашања нема, затоа што неспособното раководство на МВР се крие.

-Медиумите информираа дека убиеното лице е дел од групата лица опфатени со Законот за амнестија, со овој закон голем број на криминалци наместо во затвор се најдоа повторно на улица. Ефектот од тоа го гледаме. Убиства по улиците, разбојништва врз граѓаните и нивните домови, кражби по улиците, физички напади и исплашени граѓани. МВР молчи и крие колку криминални дејствија се регистрирани од изгласувањето на амнестијата до денес. До денес МВР молчи и крие колкумина од амнестираните стојат токму зад овие дела. МВР молчи заради тоа што мора да се прикрие цената што ја плаќаат нашите граѓани за коалицијата на СДСМ. Нашите граѓани не се чувствуваат безбедно. Криминалот царува, а полицијата е само набљудувач, изјави Ѓорѓиевски.

Тој вели дека нашата полиција не работи, уште е на слобода убиецот на младиот Мартин Јанушев, убиецот на Дилавер Бојку од Струга е сеуште не пронајден, поминаа 4 месеци, а јавноста сеуште нема информации ни за убијците на Исмет Арифи, кој беше изрешетан во Чаир, луѓе ги губат своите животи, а МВР на Оливер Спасовски ништо конкретно не презема.

-Недозволиво е полицијата со месеци да не може да ги пронајде сторителите. Со самото неделување и неоткривање власта испраќа јасен сигнал до сите криминалци дека слободно можат што сакаат да прават. Бидејќи МВР нема да ги гони. СДСМ не знае да управува со државата. Секогаш кога СДСМ е на власт, улицата е во рацете на мафијашите. Градовите и населените места низ државата не смеат да ни се претворат во полигон за вооружена пресметка меѓу мафијашки структури. Република Македонија мора да стане безбедна држава, во која сите граѓани ќе се чувствуваат сигурно и ќе се чувствуваат заштитени. Власта има обврска да ја гарантира внатрешната безбедност. СДСМ не може да ја гарантира безбедноста. Нашите граѓани заслужуваат стабилни институции и безбедносни служби кој ќе работата во нивна заштита. Нашите граѓаните заслужуваат подобро, изјави Ѓорѓиевски.

 

 

 

 

10.04.2018 - 14:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега