Нимиц денеска доаѓа во Скопје

Откако вчера се сретна со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Грција Евангелоз Венизелос, медијаторот на ОН, Метју Нимиц, денеска доаѓа во Скопје на консултации со државниот врв во изнаоѓање на решение за спорот околу името.

По средбата со Венизелос, Нимиц информира дека состанокот бил многу конструктивен и оти „јасно ги сфатил позициите на грчката Влада“. Тој нагласи дека Венизелос изнел детални коментари за идеите што медијаторот ги презентираше на двајцата преговарачи во април годинава.

- Тој ми кажа со што се согласува грчката страна, со што не се согласува и каков вид промени се прифатливи за грчката страна. Венизелос беше многу јасен во коментарите, рече Нимиц  и додаде дека сега се јасно разбрал.

На прашање на МИА, што мисли, дали властите во Скопје ќе ги прифатат промените што ги бара Атина, медијаторот рече дека прво треба да отиде во Скопје.

- Ова се тешки преговори и сметам дека е многу важно секоја страна целосно да ги сфати ставовите на другата страна и потоа, се надевам ќе се доближиме. За мене е најважно да продолжи дијалогот, и со тоа, се надевам ќе бидеме се поблиску и поблиску до взаемно прифатливо решение, истакна Нимиц.

На новинарско прашање дали се точни информациите дека неговиот последен предлог е „Горна Република Македонија“, медијаторот рече дека никогаш не открива за какви предлози станува збор. Понекогаш она што е објавено во медиумите е точно, понекогаш не е, истакна Нимиц и повтори дека нема да ги коментира предлозите. 

Во врска со евентуална средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, медијаторот на ОН рече дека „во вистинско време и на вистинско место може да има дијалог на многу високо ниво“. Нимиц повтори дека тоа не е негова мисија и оти секој лидер се справува со работите поинаку.

10.09.2013 - 09:16

најчитано сега