Одбраната бара одложување на „Транспортер“, СЈО против

Во Кривичниот суд денеска почна главната расправа по предметот „Транспортер“ каде обвинети се поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески и уште 20 лица за злоупотреба на службената положба и проневера на околу 360.000 евра.

Расправата се води од почеток поради промена на судечкиот совет. Претседател на судечки совет е Добрила Кацарска. Претходните рочишта беа одложени поради немање одговор за поднесена жалба до Апелациски суд. 

На почетокот на рочиштето адвокатот Боро Тасевски побара одложување на расправата до доставување на аудио материјалите на одбраната за да имаат увид и заштита на правото на еднаквост пред судот. Бараат доказите да им бидат доставени во пишана форма.

Друг адвокат од одбраната реагираше дека не се придружува на барањето затоа што имал доволно време да ги види и подготви одбрана, а ова е веќе осмо рочиште и со одложување се прави штета на обвинетите. 

Обвинителите од СЈО кажаа дека судот веќе еднаш ги одбил барањата и нема потреба од повторување, како и дека материјалите им биле уредно доставени. Овие барања, според СЈО, се со цел одложување на главната расправа.

Судијката Кацарска потоа даде получасовна пауза за судечкиот совет да се произнесе за барањата на одбраната. 

 

 

 

21.02.2018 - 13:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега