Градоначалникот на Бостон: Детроит да се дигне во воздух

Градоначалникот на американскиот град Бостон предизвика остри реакции од градот Детроит, кога препорача дека банкротираната метропола треба да биде дигната во воздух и да се почне одново.

- Јас би го дигнал Детроит во воздух и би почнал одново. Сериозно, место каде што на полицијата и се потребни 90 минути да одговори на повик за помош значи дека има сериозни проблеми со системот. Дури 40 проценти од уличните светилки не работат, повеќето згради се напуштени, со влезовите затворени до даски. Зошто е тоа така? Проблемот е во раководството, изјави Томас Менино, градоначалник на Бостон, во разговор со весникот Њујорк тајмс чиј репортер го прашал дали има совет за спас на Детроит кој се соочува со неколку децениски процес на драматично опаѓање, а неодамна банкротираше во целост.

Дејв Бинг, градоначалникот на Детроит, остро го критикуваше својот колега од Бостон.

- Особено имајќи го предвид бомбашкиот напад врз маратонот во Бостон, Менино требаше повнимателно да ги избира зборовите, возврати Бинг.

 Некогашниот светски центар на автомобилската индустрија и срцето на економијата во областа на Големите Езера, Детроит се обидува да прогласи банкрот откако долговите на градот се искачија на 18,5 милијарди долари, кои градот не може да ги врати.

Бројот на жители на Детроит е повеќе од преполовен, од 1,8 милиони во 1950-те години, на само 700.000 денес, а во некои од најпропаднатите населби, куќите се продаваат само за еден долар.

Неконкурентноста на американската автомобилска индустрија поради неповолните синдикални договори и масовната корупција на градските власти и штетните договори кои ги склучувале доведоа до преместување на индустриските капацитети во други делови на САД или во странство, и до бегство на средната класа од центарот на Детроит во околните предградија.

04.09.2013 - 08:45

најчитано сега