Деца од СОС Детско село и од домот „11 Октомври“ се сретнаа со премиерот Заев

Деца од СОС Детското село и од Домот за деца без родители „11 Октомври“ денеска беа во посета на Владата каде се сретнаа со премиерот Зоран Заев и им беа доделени новогодишни пакетчиња.

- Сакаме да испратиме порака дека секој е важен, посебно секое дете. Овие деца кои се без родители или без родителска грижа, а се сместени во институциите на државата, сакавме да ја посетат Владата и заедно да поминеме моменти замислувајќи си сопствени желби за претстојната 2018 година, изјави премиерот Заев. 

Целта на Владата е до 2020 година да нема дете без покрив на главата.

- Имаме модерни тенденции, согласно со европските перспективи, да се вклучат децата во семејства каде ќе се води комплетна грижа за нив. Ги следиме препораките на самите институции и убедени сме дека Македонија ќе биде посреќно општество за сите, доколку децата се среќни и ја гледаат својата перспектива во Македонија, рече Заев. 

Нему му беше врачена благодарница од страна на СОС Детско село.

Директорките на СОС Детско село и на Домот „11 Октомври“ изразија надеж дека Владата ќе донесува одлуки во вистинска насока за грижа на овие деца.

- Заинтересирани сме за идната стратегија на Владата во однос на социјалната превенција, бидејќи во изминативе години бројот на деца кои имаат потреба да бидат згрижени постојано расте, а државата нема постоечки капацитети за такво нешто. Со оглед на тоа дека прагот на сиромаштија кај нас е повеќе од 20 проценти и околу 400 илјади семејства живеат во сиромаштија, што е показател и причинител голем број деца да се напуштени од родителите, очекуваме да се направат поголеми напори за социјалната превенција, изјави Јулијана Гапо,  директорка на СОС Детско село. 

Според неа, важна е и поддршката на младите над 18 години кои биле згрижени во овие институции, затоа што во моментот не постои програма за нивно интегрирање на пазарот на труд. 

 

 

 

29.12.2017 - 15:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега