Трајковски: Бараме итно и неодложно ослободување на сите 47 луѓе

Денеска на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за правда пред граѓаните се обрати Александар Трајковски. Тој говорот го започна со цитати од писмото на Христо Узунов до неговата мајка и порача „главата горе Македонци, правдата и вистината се со нас“.

-Неправдата стана пракса, а кога неправдата е на сила непокорот е единствениот пат до правдата. Денеска е 17-ти ден откако актери, уметници, граѓани, пратеници кои си ја сакаат татковината се во притвор. Денеска е 17-ти ден откако во Република Македонија се погазени законите и правниот систем. Законот е ист за сите, но неговото применување е двојно, луѓе кои 70 дена одеа по улиците пеејќи и ширејќи љубов за Македонија се обвинети за тероризам, додека оние кои дивееја по улиците и ги уништуваа институциите ги наградија, изјави Трајковски.

Тој јавно праша какво дело е палењето на канцеларијата на претседателот на Република Македонија, дали тогаш не бил загрозен уставниот поредок на Република Македонија и останатите насилни настани кои беа предизвикани од Шарената револуција, при што беа повредени и полицајци.

-Тероризам не е да сакаш својата татковината. Демократијата стана мислена именка во нашата држава, кршењето на законите стана секојдневие. По кој закон пратеници кои имаа имунитет беа уапсени со лисици од своите домови, како најголеми криминалци, праша Трајковски.

Тој потенцираше дека хунтата на власт успеала да внесе страв во секој дом, кај секој дом, дека го уништиле мирот и спокојството на секој граѓанин, дека наместо живот донеле мрак.

-Да се држи во притвор мајка на две малолетни деца, која пред суд понудила кауција и документација за болен човек од најтесното семејство е правен преседан и политички реваншизам. Децата на Елена се без мајчинска грижа веќе 14 дена, изјави Трајковски.

Тој кажа дека според нивни неофицијални информации пратеникот Крсто Мукоски штрајкувал со глад, поради што неговото здравје е нарушено. Тој кажа дека е време за национално помирување, дека затворите се наполнети со патриоти кои не се виновни.

-Бараме итно и неодложно ослободување од притвор на сите 47 луѓе. Не може за влечење за коса да се донесе пресуда од 4 и пол години затвор. Бараме и повикуваме да биде повлечено обвинението за тероризам, затоа што нашите браќа и сестри не се терористи туку се патриоти, изјави Трајковски.

Тој кажа дека сите притворени се херои на ова време, дека нивните имиња ќе бидат запишани со златни букви во македонската историја и дека треба да бидат горди за тоа. Тој упати и порака да се разбуди македонскиот народ, да стане и да ги наполни улиците, иако стравот и притисокот секојдневно расте и ќе продолжи да расте, но кажа дека хунтата ќе падне.

 

 

 

15.12.2017 - 18:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега