Нацев: МВР под водство на Оливер Спасовски целосно потфрли

 Постои ли Министерство за внатрешни работи и полиција на улиците на Скопје или целиот безбедносен систем е впрегнат во партиската машинерија на СДС за да ги заплашува и дисциплинира политичките противници, помагајќи на разни Омерти да ги полнат партиските каси со изнуди и рекет, нагласува Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакнува дека МВР под водство на Оливер Спасовски целосно потфрли.

-Наместо превентивно делување, секој викенд се бројат жртвите на криминално-мафијашките пресметки. Оливер Спасовски со неговиот послушник во Бирото за јавна безбедност Лазе Велковски, а по налог на Заев ги оставија нарко-рекетарските банди да дивеат со месеци и не отворија ниту една оперативна обработка. Со месеци Оливер Спасовски и Лазе Велковски замижуваа кога се палеа и кога се пукаше во возила. Замижуваа кога се демолираа локали и кога се рекетираа сопствениците. Ги немаше на улиците кога нарко-бандите го преплавија Скопје со дрога. Со своето неделување тие им дадоа ветар во грб и поддршка на криминалците кои добија толкава моќ што веќе не размислуваат дали да посегнат по оружје и да пукаат пред очите на недолжни минувачи. Сега цехот за ваквиот брак на СДС со криминалот го плаќаат граѓаните. Сите се вознемирени и кога доаѓа викенд се плашат да излезат на улиците, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Нацев рече дека овој петок исто така бевме сведоци на една ладнокрвна ликвидација.

-Во Чаир на улица беше убиено едно лице, а уште едно беше рането. Јавноста и очевидци говорат дека напаѓачите излегле од Фиат Пунто и ладнокрвно си ја завршиле работата. Биле двајца во возилото. Јавноста е вознемирена и зборува, а МВР молчи. Од ваквиот однос единствено профитираат криминалците. Уште еден убиец и неговите помагачи се на слобода. Исто како и во случајот со ладнокрвната егзекуција на младиот фудбалер Јанушев. Убиецот и помагачите избегаа, а некој се потруди да успеат во тоа. Заедничко за сите случаи е дека МВР нема ниту еден приведен. Убијците во власта на СДС имаат доверлив партнер. Уште колку човечки животи треба да згаснат за Оливер Спасовски да сфати дека е неспособен да го води МВР.  Уште колку крвави пресметки треба да се случат за Оливер Спасовски и СДС да престанат да ги штитат криминалните банди кои дивеат низ Скопје и државата. Скопје полека, но сигурно станува еден од најнебезбедните градови во Европа благодарение на Оливер Спасовски и неговите пријатели од криминалното подземје. Оливер Спасовски за нарушената безбедносна состојба, да си поднесе оставка и да дозволи професионалците во МВР да работат на сузбивање на овие криминално мафијашки групи. Истото треба да го стори и неговиот шеф на полиција Лазе Велковски. Само така ќе се тргне ембаргото за дејствување против криминалните банди и ќе се вратат мирот и безбедноста во Македонија, нагласува Нацев.

 

 

 

27.11.2017 - 15:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа