Комисијата за 24 декември ја одведе Македонија до предвремени избори

Предвремени избори е најверојатниот епилог по фијаското на Комисијата за случувањата од 24 декември во македонското Собрание. По 4 дена заседавање, претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не успејаа да го усогласат извештајот, а вчера, по истекот на последниот рок, вечниот оптимист, претседателот на Комисијата во оставка, Борче Давитковски, за прв пат изјави дека веќе не се надева на решение. 
Социјалдмеократите уште пред полноќ вчера, побрзаа да ги избрифираат новинарите дека единствен проблем кој комисијата не може да го реши е отстранувањето на новинарите од собраниската сала. Околу 1 часот утрово, ваквите информации ги демантираше претседателот на Комисијата, Борче Давитковски, кој во изјава за медиумите рече дека останале отворени неколку прашања, што практично значи дека партиите не успеале да договорат ништо. ОД ВМРО-ДПМНЕ ваквите брифинзи од опозицијата ги карактеризираа како груба манипулација и обид за додворување пред новинарите. Од најголемата владејчка партија брифираат дека по вчерашниот ден, веќе е исцрпен договорот меѓу лидерите Груевски и Заев и дека настаните од 24 декември, со оваа Комисија не можат да добијат епилог. 
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во иднина сите опции се отворени, а тоа вклучува и организирање на предвремени парламентарни избори. 
Причина повеќе за ново соочување со граѓаните, освен неможноста да се решат минатогодишните собраниски инциденти е и вчерашното однесување на опозицијата во Собранието, која по кој знае кој пат во овој мандат, ги напушти собраниските клупи. Од СДСМ нема информација, дали партијата по дебаклот на Комисијата ќе остане на претходните најави за враќање во законодавниот дом, но со оглед на развојот на настаните станува извесно дека Собранието ќе треба да работи без опозиција. Проблем повеќе е и однесувањето на дел од пратениците, кои пред два дена, повторно предизвикаа сериозен инцидент и само присебноста на нивните колеги ја спаси ситуацијата.
Со таков состав на Собранието, блокада на опозицијата и нерешени прашања за 24 декември, станува јасно дека нови предвремени парламентарни избори најверојатно ќе бидат единствен начин за решение на проблемите.

24.08.2013 - 11:33

најчитано сега