ФОТО: Културното лето во Карпош ги расположи граѓаните
-Музика и поезија за душа, проследени со овации и со громогласен аплауз, го обележаа седмиот настан од шестото „Карпошово културно лето“, авторската вечер на Огнен Неделковски. Куриозитет на ноќта беше премиерата во живо на песната „Споменар“, напишана специјално за пригодата, а која низ музички рецитал ја изведе токму текстописецот Огнен Неделковски во придружба на својот пријател Ване Ѓорговски, информираат од Општина Карпош.
Настанот кај Вештачката карпа на кејот на Вардар на едно место обединил петнаесетина имиња од нашата музичка сцена и претставувал своевиден фестивал кој ја слави романтиката на Неделковски.
-Вечерта почна со песната „Тајно моја“ на Тоше Проески, а ја изведуваше Славиша Ќиброски, по што следуваа настапи на крушевчанецот Велко Нелкоски со внукот на Тоше, Кристијан, како и Благоја Груевски, Емил Арсов, Иван Раденов, Ефто Пупиновски, „Нели ти реков“, Нино Величковски, Влатко Илиевски, Џина Папас Џокси, Ибуш Ибраимовски, „Силви бенд“, Блага Петреска, Сузана Турунџиева, информираат од Општината.
На манифестацијата настапил и актерот Ефтим Трајчов-Ѓаурски, кој на тивка музичка подлошка, рецитирал стихови од познатите „Усни на усни“, „Колку треба да се плати“, „Сонце во твоите руси коси“...
Во финалето на вечерта, на граѓаните на Карпош и на љубителите на поезијата на Неделковски им се обратил и градоначалникот на општината, Стевчо Јакимовски, кој ја искористи можноста да го најави и проектот „Гром во коприви“.
- Вечерва дознавме многу за Огнен Неделковски, каде се родил, школувал, како се запознал со сопругата... Никој не спомена каде живее... Се разбира, во Карпош. И тоа, замислете, како потстанар. Но, ние не смееме да му дозволиме да си замине зашто ваквите луѓе се ценат и се почитуваат. Затоа Општина Карпош ќе го поддржи проектот за новата серија „Гром во коприви“ за која сценариото го подготвува токму Огнен – рече Јакимовски, заблагодарувајќи му се на познатиот текстописец за задоволството што им го понуди на карпошани.