ВМРО-ДПМНЕ предлага зголемување на платите во јавниот сектор за пет отсто

- Предлог-закон за зголемување на платите во јавниот сектор за пет отсто, поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

Предлогот, како што соопшти денеска Зекир Рамчиловиќ, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, е изготвен согласно реалните потреби на вработените во јавниот сектор, а предвидува зголемување на платите во јавниот сектор за пет отсто во 2018 година и дополнително зголемување од пет отсто во 2020 година.

- Со овој предлог-закон се предвидува зголемување на платите на вработените во државната и јавната администрација: здравство, образование, полиција, војска и јавни претпријатија. Ова решение е изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ и претставува реална потреба за вработените, истакна Рамчиловиќ.

ВМРО-ДПМНЕ изразува задоволство што овој закон помина на собраниската Комисија за труд и социјална политика каде доби поддршка и од пратеници кои не се дел од коалицијата.

- Тоа е позитивен момент кој не охрабрува дополнително дека овој закон може и секако би требало да биде усвоен од Собранието што би довело до крајната цел, зголемување на платите во јавниот сектор, посочи Рамчиловиќ и изрази надеж дека предложеното решение ќе наиде на поддршка кај сите политички партиии.

Според него, законот за зголемување на платите е реален и остварлив.

- Буџетот е во добра состојба, проекциите за идната година исто така говорат дека може да се обезбеди квантумот на средства за зголемување на платите и тоа би довело до поголем број позитивни ефекти, односно ќе се зголеми стандардот на семејствата, ќе се зголеми можноста за јавна потрошувачка што би имало позитивни влијанија и врз другите сектори, дополни Рамчиловиќ. 

 

 

 

02.08.2017 - 12:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега