Костадиновски: СДС уште еднаш покажа дека не се грижи за земјоделците и дека нема намера да ги решава нивните проблеми

Лицемерниот и понижувачки однос на СДС кон земјоделците продолжува. Изминативе речиси 2 месеци СДС уште еднаш покажа дека не се грижи за земјоделците и дека нема намера да ги решава проблемите во земјоделието, истакна Ванчо Костадиновски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

-Соочени со една од најтешките години, производителите на лубеници цел месец бараат поддршка од владата на СДС и министерот Николовски за решавање на огромниот проблем поврзан со откупот и исклучително ниската откупна цена на лубениците. Министерот Николовски цел месец упорно ги игнорира производителите на лубеници и што е најстрашно без никаков срам се фали дека го решил проблемот со лубениците со тоа што владата донела мерка за дополнителна субвенција за продадени лубеници. Замислете во ситуација кога откупот на лубениците е десеткратно намален за разлика од лани, кога лубениците скапуваат по нивите оти нема кој да ги откупи, владата одлучува да даде поддршка по килограм откупени лубеници. Нема откуп а СДС носи мерка за поддршка поврзана со откуп?!?! Крајно понижувачки и несериозен е ваквиот однос на министерството и владата кон производителите на лубеници, рече Костадиновски и додаде:

„Вториот понижувачки момент е тоа што на министерот Николовски и владата на СДС воопшто не им е грижа што и тие мали откупени количини на лубеници се откупуваат за понижувачка цена од 2 денари која споредбено со лани кога откупот беше по 7 и 8 денари е за 4 пати помала. Тие земјоделци што лани за својот труд заработиле 4.000 евра оваа година ќе заработат само 1.000. Што е 4 пати помалку. Односно тоа е исто како на пензионер, пензијата да му биде намалена за 4 пати или на вработен, платата на му биде 4 пати помала од таа што ја заработува. Ете толкава е загубата на земјоделците оваа година поради негрижата и игнорантскиот однос на СДС. Загуба поради која не можат да си ги покријат ниту трошоците за производство, а камо ли нешто да заработат.“

Но, подвлече Костадиновски, на министерот Николовски и Владата на СДС тоа очигледно не им е важно.

-Врв на безобразлукот на СДС кон земјоделците беше вчерашниот ден. Вчера на земјоделците кои протестираа пред министерството барајќи финансиска поддршка од владата поради тешката ситуација наместо прифаќање на тоа барање им било пренесено дека министерството ќе помогнело за откупот со испраќање на дури на два камиони во ситуација кога веќе речиси и да нема што да се откупува бидејќи  лубениците скапаа по нивите или пак се откупија за само 2 денари. Загрижувачко е ова однесување на министерот за земјоделие. Загрижувачки е потценувачкиот однос на владата и министерството кон земјоделците. Овие чесни земјоделци немаа други примања. Тие бараат поддршка од Владата како што било тоа во претходните години. 

Токму затоа, ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се излезе во пресрет на барањата на производителите на лубеници. Бараме веднаш да биде донесена одлука за дополнителна финансиска поддршка за секој производител на лубеници која нема да биде поврзана со предадени лубеници затоа што откуп или количини за откупување – нема, туку ќе се однесува по површина.

Бараме, додаде тој, владата да донесе одлука за дополнителна финансиска поддршка за производителите на лубеници во вредност од 10 илјади денари за декар. -И истата да се однесува за сите производители на лубеници во државата. Бараме одлуката да биде донесена веднаш и веднаш да се започне со исплата на истата. Дополнително бараме сите производители на лубеници да бидат оваа година ослободени од закупнина на државно земјоделско земјиште и надоместок за наводнување. Сметаме дека само со овие мерки ќе бидат покриени загубите на производителите на лубеници и само така овие земјоделци и следната година ќе продолжат со производство.

ВМРО-ДПМНЕ како досега така и во иднина ќе продолжи да ги штити интересите на земјоделците кои заслужуваат поддршка и вреднување на трудот.

 

 

 

 

 

19.07.2017 - 16:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега