Во Скопје годишен состанок на ОБСЕ и на ОДИХР за набљудување на судски постапки

Од денеска до среда во Скопје се одржува годишен состанок за следење судски процеси организиран од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Минатата година претставници на ОБСЕ мониторирале над 100 високо профилирани случаи, додека нејзината партнерска организација невладината Коалиција за правично судење над 450 расправи во сите апелациски подрачја во земјата. 

Натали Петровска, извршен директор на Коалиција за правично судење истакна дека релативно доследно се применува Законот за кривична постапка, но укажа на неколку недоследности како на пример дека некогаш има неоправдани одлагања на судските постапки, неповикување на странките во постапката и слично.

Коалицијата набљудува и судски постапки со предмети на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а генералниот впечаток, според Петровска, е дека во голема мера се почитува кривичната постапка, меѓутоа, дека повеќе од евидентна е селективната правда и нееднаквоста во однесувањето на дел од судиите спрема Основното јавно обвинителство и СЈО. 

На состанокот во Скопје присуствуваат правници од седум мисии на ОБСЕ и претставници на 29 невладини организации од регионот на ОБСЕ кои во текот на овие два дена ќе разменуваат искуства и ќе дискутираат за предизвиците поврзани со следењето на високо профилирани судски предмети и предмети во кои се инволвирани ранливи групи како што се малолетници и етнички малцинства. 

Амбасадорката на мисијата на ОБСЕ во Македонија Нина Суомалаинен истакна дека организацијата ја поддржува оваа активност затоа што набљудувањето на судските постапки го обезбедува владеењето на правото и на транспарентноста на судските установи.

- Преку набљудувањето се обезбедуваат повисоки стандарди на судските постапки и во чесноста на самата постапка. Целта е да се следи судската постапка од процедуралниот аспект, а не од суштинскиот аспект на содржината со што се обезбедува следењето на Законот за кривична постапка и на принципот на чесност, потенцираше амбасадорката Суомалаинен.

 

 

 

24.04.2017 - 11:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега