СИТЕЛ: Остри реакции на изјавата на Рама во која не исклучува обединување на Косово со Албанија

НАТО и Европската Унија реагираат по вчераната нова провокација од албанскиот премиер Рама кој во изјава за Политико најави можно обединување на Албанија и Косово и се заканува со нови воени судири во регионот ако Западниот Балкан не стане дел од Европската Унија.

НАТО изразува загриженост за „ најновите влошувања на безбедносната состојба“ на Балканот и порачува „лидерите од регионот да бидат на висината на своите одговорности и да продолжат на патот со дијалог и помирување“. Ова за агенцијата БЕТА во Брисел го изјавил висок претставник на НАТО по вчерашната изјава на Рама.

-НАТО и меѓународната заедница имаат улога да даваат поддршка, но решавањето на проблемите во регионот мора да се случи на самиот Западен Балкан“, ставил до знаење претставникот на НАТО потенцирајќи дека  „НАТО и Европската Унија имаат стратегиски интерес Западниот Балкан да биде стабилен и напреден.

-Стабилноста и безбедноста на тој регион се од корист за стабилноста и безбедноста на Европа а оттаму и на НАТО, нагласил високиот претставник на Алијансата за БЕТА.

И портпаролката на Европската Комисија Маја Коцијанчиќ упати порака дека е „најважно да се одржат добри соседски односи и соработката со сите да биде рамноправна“.

- Како што е неодамна потврдено во Европскиот совет, регионот на Западен Балкан има јасна европска перспектива. За да ја постигнеме таа цел соработуваме со сите партнери во регионот, без да се отстапи од принципот на помирување и регионална соработка, истакна Коцијанчич.

Таа нагласи дека каква било форма на политичко влијание е штетна за зацврстување на добрососедските односи.

Рама во интервју за европското издание на американскиот весник Политико изјави дека „не гледа на војната како на најпосакувано сценарио за регионот“ но смета дека „работите може да станат вистински лоши доколку избледи европската перспектива“.

Овој став предизвика жестоки реакции и во Србија. Вицепремиерот и шеф на српската дипломатија Ивица Дачиќ по вчерашното интервју упати порака до меѓународната заедница- до кога ќе молчите за ова што се случува.

-Изјавата на Рама е уште една потврда дека создавањето на Голема Албанија е заедничка идеолошка платформа на сите Албанци, која претставува опасност за мирот и стабилноста на Балканот и Европа, изјавил Дачиќ. – Што би се случило ако премиерот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е можно обединување на Србија со Република Српска во БиХ, доколку не не примат во ЕУ? Или молчењето е знак на одобрување?, праша шефот на српската дипломатија.

 

 

 

19.04.2017 - 21:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа