ФОТО: „Црвена јабука“ вчера го “запали“ Карпош
„Има нешто во срцето...на Карпош“, „Дирлија“, „Туго-несреќо“,„Некако с пролеќа“ беа ѕвездениот бум на годинашново, шесто по ред „Карпошово културно лето“. Жера палеше и гасеше речиси 5.000 свои обожаватели цели два и пол часа, во жешката августовска вечер и порачуваше да го сакаме Карпош.
Вака од Општина Карпош го опишуваат двочасовниот концерт за почетокот на „Карпошово културно лето 2013“ кој вчера вечер го приреди легендарната „Црвена јабука“ на игралиштето „Сокол“ во Карпош.
-Нешто повеќе од два часа, прочуениот Дражен Жерајиќ – Жера во придружба на својот бенд, извонредната „Црвена јабука“, ја забавуваше публиката во Карпош изведувајќи голем дел од својот препознатлив репертоар. Веќе на третата песна, „Дирлија“, публиката беше на нозе, а до крајот на концертот верните обожаватели на групата во еден глас со лидерот на бендот ги испеаја и „Волио бих да си ту“, „Некако с пролеќа“, „Има нешто од срца до срца“,„То ми ради“ но и многу други хитови, наменети како за постарите, така и за помладата популација на концертот, информираат од Карпош.
За крај на двочасовната дружба што го означи почетокот на годинашното „Карпошово културно лето“, публиката со громогласен аплауз успеа да ја врати „Црвена јабука“ на сцената за бис со дополнителни три песни.
-„Карпошово културно лето 2013“ во својата програма ветува уште многу вакви концерти, кои треба да ги задоволат вкусовите на разноликата публика. Меѓу другото, годинава дел од оваа манифестација ќе бидат и концертите на Каролина Гочева, на групата „Гуру Харе“, чија музика ќе биде проследена со ликовен перформанс на уметницата Касиопеја Наумовска, на Петар Ренџов и „Тумбао салса бенд“, како и вечерта на авторска музика на Огнен Неделковски. Покрај музика, дел од едномесечната културна дружба ќе бидат и стендап-комедиите, настапот на Културно-уметничкото друштво „Пролетер“ од Сараево и мјузиклот „Чевел“, а за крај на месецот на културата во Карпош, концерт ќе одржат и Наум Петрески и Зуица Лазова, стои во соопштението од Општината.