ДИК ќе ги распише локалните избори во Македонија?

Уставот не предвидува орган кој би требало да ги распише локалните избори во Македонија. Согласно член 67 од Уставот, Претседателот на Собранието име должност да ги распише претседателските и парламентарните избори но за избор на градоначалници и членови на општинските совети, Уставот не му дал таква обврска на првиот парламентарец.

Собранието од редот на пратениците избира претседател и еден или повеќе потпретседатели, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Претседателот на Собранието го претставува Собранието, се грижи за примена на Деловникот на Собранието и врши други работи утврдени со Уставот и со Деловникот на Собранието. Функцијата претседател на Собранието е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија.
Претседателот на Собранието распишува избори за пратеници и избор на претседател на Републиката.
“ – стои во членот 67 на Уставот.

Оттука се поставува прашањето, кој ќе ги распише новите локални избори, особено ако се знае дека денеска истекува последниот рок за тие да се одржат во првата половина на мај како што предвидува Изборниот законик.

До сега во Македонија сите изборни циклуси ги распиша Претседателот на Собранието, но во ситуација како денешната, кога тој се уште не е избран, се поставува прашањето, дали ДИК може да ги распише предвремените парламентарни избори.

Од Комисијата немаат коментар по ова прашање и се повикуваат на Изборниот законик и праксата.

За експертите ова е уште еден дел од Уставот кој не е допрецизиран и кој може да отвори нов правен вакум, сличен на оној кој се отвори со доделувањето на мандатот.

Според Изборниот законик од денот на распишувањето до денот на одржувањето на изборите не може да поминат повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена.

На 30 декември се одржа конститутивната седница на новиот собраниски состав, на која само се верификуваа мандатите на пратениците, но не се избра и претседател на Собранието.

Според Уставот и Изборниот законик денеска е последниот рок за распишување на локалните избори. Изборите за членови на совет и за градоначалник се одржуваат секоја четврта година истовремено во сите општини, во првата половина во месец мај, стои во член 16, став 1 од Изборниот законик.

Различен е ставот за ова прашање на политичките партии кои освоија пратеници во новиот собраниски состав.

ВМРО ДПМНЕ досега неколку пати соопшти дека се за нови, брзи, предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните, во мај.

Социјалдемократите во овој период се фокусирани на продолжување на конститутивната собраниска седница, на избор на претседател на Собранието и формирање нова влада. Од СДСМ велат дека ќе почекаат неколку дена Иванов да се премисли, да му го даде мандатот на Заев за формирање влада и да се врати уставниот поредок.

Во ДУИ велат дека не се заинтересирани за одложување на локалните избори и дека законскиот рок зараспишување локални избори треба да се почитува.

Уставот дозволува Собранието со двотретинско мнозинство да изврши измени во Изборниот законик и локалните избори да се одложат.

„Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, се вели во амандманот 16 од Уставот.

Овие измени може да важат само за овие избори. Пред локалните избори во 2013 година беа направени измени во Изборниот законик за продолжување на роковите за регистрација на кандидати. Ова беше сторено поради бојкотот на работата на Собранието од пратениците на СДСМ.

Ако изборите не се одржат во мај, градоначалниците на општините и општинските совети повеќе нема да имаат никакви надлежности, а пречекорувањето на предвидениот рок повлекува измени во Изборниот законик и нов датум за локални избори.

 

 

 

06.03.2017 - 11:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега