Протест во Кавадарци: Да не се помисли да се усвои програма која не ја изгласале граѓаните

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ денеска одржа протестен марш во Кавадарци. Граѓани маршираа од новата црква до градскиот плоштад.

Обраќајќи се пред присутните, актерот Диме Коцевски рече дека иницијативата бара сите политички партии со граѓаните да изготват платформа за заедничка Македонија и да ги отфрлат платформите пишувани во, како што нагласи, туѓи држави.

- Бараме политичките партии во преговорите да не помислуваат да усвојат владина програма која не би била изгласана од граѓаните на изборите. Бараме од партиите, а особено од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, да не попуштаат да се гласа во Собранието законот за двојазична Македонија, зашто тоа ќе биде вовед во редефинирање на Македонија, истакна Коцевски.

Писателот Тодор Богев во изјава за медиумите рече дека протестираат против предавството на оние кои работат на албанската платформа и имаат најрадикални барања. - Немаме друга држава, наспроти оние кои имаат две, нагласи тој.

Според фудбалерот Горан Стојановски, народот е против двојазичност, против тоа македонската химна да биде во изменет состав и против туѓа платформа на туѓа држава.

И граѓанинот Благоја Митрев порача албанската платформа никако да не биде прифатена. 

 

 

 

02.03.2017 - 19:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа