Еди Рама го погази својот збор: Не можеме да бараме од другите нешто, што самите не можеме да го дадеме

Албанскиот премиер Еди Рама покрај тоа што изминатиов период директно се меша во внатрешните работи на Република Македонија, покажа и дека целосно е неконзистентен во своите ставови, погазувајќи го она што лично го има признаено.

За време на средбата со претседателот Иванов во Тирана, во септември 2013 година, веднаш по неговото назначување за Премиер на Албанија, Рама го пофали соживотот меѓу Македонците и Албанците во Р. Македонија  и самиот призна дека во однос на малцинските права Албанија не може да бара од другите земји нешто, што и самата не може да го овозможи на своите малцинства. 

- Господинот Претседател ми ја изрази неговата загриженост и упати барање да се покаже поголемо внимание за македонското малцинство во Албанија. Јас оваа порака ја примив, не само како обврска и заложба на нашата влада кон сите малцинства во Албанија, туку и како израз на фактот дека ние не можеме да бараме од некого нешто, што и самите не може да го исполниме и да го дадеме на другите,изјави албанскиот премиер Еди Рама на заедничката прес конференција со претседателот Иванов.

Јавните настапи на Еди Рама изминатиов период се во целосна спротивност на овие искажани ставови. Албанскиот премиер во неколку наврати директно се обиде да влијае на политичката состојба во Република Македонија. Неговиот недипломатски однос кулминираше вчера кога на својот фејсбук профил упати заканувачка порака до претседателот Иванов.

- Господине Иванов, албанскиот јазик не е на непријателот, туку на еден државотворен народ во Македонија. Без Албанците нема Македонија, драг Претседателе!, напиша Рама.

Претседателот Иванов во неколку наврати побара меѓународната заедница јавно да го  осуди мешањето на соседите во внатрешните работи на Република Македонија, како и Тиранската платформа што претставува бескрупулозно мешање во внатрешните работи и редефинирање на унитарниот карактер на Република Македонија.

Дали и за оваа изјава на Еди Рама и директното мешање во внатрешните работи на нашата држава, меѓународната заедница ќе остане глува на барањата на македонскиот претседател? - На потег се дипломатите.

 

 

 

02.03.2017 - 12:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега