Претседателот Иванов ги почна консултациите за политичката состојба

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска со средба со претставници на „Беса“ ги почна поединечните средби со лидерите на политичките партии, на кои ќе се разговара за актуелната политичка состојба.

Како што соопшти Кабинетот на Иванов, во 13:00 часот треба да почне средба со претставници на „Алијанса за Албанците“, во 14:30 часот со претседателот на ДУИ Али Ахмети, во 16:00 часот со претседателот на СДСМ Зоран Заев, а во 17:30 часот со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

На консултации со претседателот Иванов, како што информираат од неговиот кабинет, беа поканети и претставници на ДПА.

Консултациите со политичките партии кои се застапени во Собранието на Република Македонија, се на иницијатива на претседателот Иванов.
а следуваат по средбата на шефот на државата со претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски и по средбата со шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар.

Иванов на вчерашната средба со претседателот на Уставниот суд истакнал дека досега постапувал исклучиво во рамки на своите права, должности и надлежности, почитувајќи го Уставот на Република Македонија. Претседателот посочил дека и во однос на актуелната ситуација ќе постапува во согласност со уставните одредби и исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.

На средбата која Иванов ја одржа во понеделникот со шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија Жбогар, станало збор за актуелната политичка ситуација во земјата и за ставот на Унијата по ова прашање.

 
 
01.02.2017 - 12:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа