Мирчевски: Десоросоизацијата“ на Македонија треба да стави крај на лажниот граѓански активизам

„Десоросоизацијата“ на Македонија ја гледам како процес во кој прво ќе се стави крај на лажниот граѓански активизам. Тие што сакаат да се занимаваат со политика слободно можат да регистрираат партија, да ја понудат визијата за „отворено општество“ пред граѓаните како нивна политичка платформа и на легитимни избори да побараат поддршка за реализација. Вака, Ненад Мирчевски, еден од основачите на движењето „Стоп Операција Сорос“, во интервју за „Прес24“  ја лоцира причината за појавувањето на ова движење и главните мотиви за нивното дејствување.

-Неспорен факт е дека заканата за опстанокот на државата е премногу сериозна, а општеството е премногу поларизирано и поделено за да си дозволиме судбината на државата да ја оставиме само во рацете на политичарите, а ние граѓаните комотно да ги следиме процесите од фотелја. Сметам дека во моментов само преку едно вакво граѓанско движење може да се надеваме на обединување на македонските граѓани против Џорџ Сорос и неговата визија за „отворено општество“ што е директна закана за опстанокот на Македонија. Нашата главна цел е целосно разобличување на начинот на функционирање на Соросовата мрежа во Македонија, а времето ќе покаже дали и колку ќе успееме во тоа. Нашата мисија ќе биде толку успешна колку што ќе имаме поддршка и соработка од граѓаните од кои очекуваме и помош во информации во врска со работата на овие лажни граѓански организации, вели Мирчевски во интервјуто за Прес24, потенцирајќи дека нивните активности не се насочени против невладиниот сектор, ниту пак против процесите на искрена меѓународна поддршка за проекти кои нудат подобрување на општеството во Македонија.

- Нашата замисла е да помогнеме во создавање услови за, конечно, заживување на невладиниот сектор, а граѓанските активисти, конечно, да добијат реална можност да работат на проекти што можат да донесат нешто добро на средината во која живеат и на државата во целост. Во моментот граѓанскиот сектор е целосно поклопен од организации финансирани и целосно зависни од парите на Сорос. Никој не може да добие ни денар ако не ја прифати идеологијата на нивниот водач и ако истовремено не е „смртен“ непријател на власта. Оттаму и се регрутирани најголем број учесници во таканаречената „шарена револуција“, вели Мирчевски за Прес24.

Изборот на Трамп, вели им дал силен сојузник во борбата против светскиот манипулант.

-Ситуацијата мора да ја искористиме максимално ако сакаме да има ефект процесот на десороизација. Искрено ме радува и го поздравувам ставот на ВМРО-ДПМНЕ во кој се вели дека е крајно време да се десороизира општеството и граѓанскиот сектор, но истовремено би сакал да  упатам и една критика до оваа партија. Таа беше на власт десет години и во текот на нејзиното владеење не направи ништо посериозно за да го спречи антидржавното, деструктивно и противзаконско дејствување на овие структури. Ако соросовите невладини организации го прекршиле законот за здруженија и за фондации досега институциите на системот требало да реагираат решително во согласност со Уставот и со законите, а не да ги толерираат за „мир во куќа“. Ако соросовите невладини организации користеле некакви дупки во законите преку кои невладините организации ги користеле како маска за прикривање на своето политичко дејствување, тогаш државата требало поодамна да ги согледа пропустите и да ги затвори вентилите за нивно финансирање со што повторно би се спречило нивното деструктивно дејствување, вели Мирчевски во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Тргнавте со едно движење, кое го нарековте „Стоп операција Сорос“. Зошто и кои се мотивите?

МИРЧЕВСКИ: Берзанскиот шпекулант Џорџ Сорос преку Фондацијата Отворено општество е присутен во Македонија од 1992 година, и во текот на овие две и пол децении преку неговите медиуми, стручњаци, аналитичари, поранешни кодоши и разузнавачи, граѓански активисти постојано дејствува како продолжена рака на една политичка опција - СДСМ (дури и во годините кога оваа партија беше на власт). Во исто време, истите тие агресивно и, најчесто, неиздржано, но секогаш синхронизирано и добро организирано ја напаѓаат политиката на ВМРО-ДПМНЕ со што на јавноста ѝ презентираат една црно-бела слика за политичката сцена во државата, во која едните, поточно левицата, се секогаш во право, а другите, односно десницата, се секогаш виновни за сѐ што се случува во општеството, дури и за природните катастрофи.

Во годините наназад, со десетиците милиони долари истурени во граѓанскиот сектор, Сорос не само што успеа целосно да го стави под контрола секторот на невладините организации, туку успеа и да ги радикализира своите платеници до степен да влегуваат во директен судир со органите на редот, да напаѓаат и да уништуваат државен имот, да сквернават културни споменици... Овие НВО воопшто не работат на реални граѓански проекти од областа за која се регистрирани како граѓански здруженија, туку дејствуваат како продолжена рака на една политичка опција преку која, пак, веќе и отворено се обидуваат да го променат унитарниот карактер на Македонија. Платениците на Сорос веќе не кријат дека се залагаат за создавање ново општествено уредување, такво какво што го замислува берзанскиот шпекулант Џорџ Сорос, во кое Македонија и Македонците целосно ќе ги загубат националниот идентитет, своите национални белези, па дури и државата...    

Од друга страна, имаме политички партии што во моментов, очигледно, немаат доволен капацитет и сила да ги заштитат националните интереси. Може да набројуваме многу причини. И објективни и субјективни, но неспорен факт е дека заканата за опстанокот на државата е премногу сериозна, а општеството е премногу поларизирано и поделено за да си дозволиме судбината на државата да ја оставиме само во рацете на политичарите, а ние граѓаните комотно да ги следиме процесите од фотелја.

Сметам дека во моментов само преку едно вакво граѓанско движење може да се надеваме на обединување на македонските граѓани против Џорџ Сорос и неговата визија за „отворено општество“ што е директна закана за опстанокот на Македонија. Нашата главна цел е целосно разобличување на начинот на функционирање на Соросовата мрежа во Македонија, а времето ќе покаже дали и колку ќе успееме во тоа. Нашата мисија ќе биде толку успешна колку што ќе имаме поддршка и соработка од граѓаните од кои очекуваме и помош во информации во врска со работата на овие лажни граѓански организации.

ПРЕС24: Многумина Вашето движење го поврзуваат со најавите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за десороизација, дали станува збор за координирана акција или, пак, Вашето движење е еден вид посебен, автентичен момент?

МИРЧЕВСКИ: Ние ги следиме ставовите на сите политички партии во Македонија во врска со процесот на десороизација и во однос на ова прашање можам да го кажам следново: прво, движењето „Стоп операција Сорос“ се појавува во момент кога се создаваат услови за некаков реален ефект од неговото дејствување, а тој момент е изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. Доколку останеше старата администрација во Вашингтон, ќе беше наивно да очекуваме дека можеме да постигнеме што било тука, на локално ниво, токму поради тесните врски на Сорос со претходната американска администрација. Можноста за каков било ефект ќе беше сведена на теорија не само за нас, туку за кого било во регионот.

Второ, искрено ме радува и го поздравувам ставот на ВМРО-ДПМНЕ во кој се вели дека е крајно време да се десороизира општеството и граѓанскиот сектор, но истовремено би сакал да  упатам и една критика до оваа партија. Таа беше на власт десет години и во текот на нејзиното владеење не направи ништо посериозно за да го спречи антидржавното, деструктивно и противзаконско дејствување на овие структури. Ако Соросовите невладини организации го прекршиле законот за здруженија и за фондации досега институциите на системот требало да реагираат решително во согласност со Уставот и со законите, а не да ги толерираат за „мир во куќа“. Ако Соросовите невладини организации користеле некакви дупки во законите преку кои невладините организации ги користеле како маска за прикривање на своето политичко дејствување, тогаш државата требало поодамна да ги согледа пропустите и да ги затвори вентилите за нивно финансирање со што повторно би се спречило нивното деструктивно дејствување.

Во контекст на обидите да го поврзат нашето движење со најавите за десороизација на ВМРО-ДПМНЕ, само би сакал да потсетам дека ВМРО-ДПМНЕ не е единствената партија што го поддржува процесот. На мое лично задоволство, истиот став го делат десетици други поголеми и помали политички партии, кои отворено изразуваат загриженост за опасноста од начинот на дејствување на Соросовата мрежа во Македонија, па оттука ако некој сака да нѐ поврзува со некоја политичка партија, би било фер да ги спомене сите. Уште посреќен би бил ако нашите ставови јавно ги поддржат и умерените левичари, кои се противат на радикалното дејствување на раководството на СДСМ, кое е под директно влијание на Соросовите платеници и им предизвикува огромна штета на македонските национални интереси.

ПРЕС24:  Зошто вакво движење се појавува во овој момент, дале тоа коинцидира со движењата од ваков тип во Европа, или дали изборот на Трамп за претседател на САД беше ветар в грб за Вас?

МИРЧЕВСКИ: Видете, Сорос не работи само против интересите на Македонија и македонскиот народ не е единствениот што се крева против него и неговите следбеници. Незадоволство од агресивното наметнување на неговата политичка идеологија има и во Унгарија, Романија, Србија, Полска, Чешка, Словачка, но и во САД по изборот на Доналд Трамп за претседател, каде што сме сведоци на идентични обиди за организирање обоени револуции со цел насилно уривање на легитимната влада... Економскиот шпекулант, всушност, работи само за свој личен интерес и воопшто не го интересира какви последици ќе предизвика за граѓаните и за државите во кои дејствува.

Изборот на Трамп ни даде силен сојузник во борбата против светскиот манипулант. Ситуацијата мора да ја искористиме максимално ако сакаме да има ефект процесот на десороизација.

ПРЕС24: Кои се Вашите крајни цели, некои велат дека Вие сте некој  вид контраневладин сектор во Македонија?

МИРЧЕВСКИ: Епитетот ни е залепен токму од тие што сонуваат да се врати периодот на едноумие во Македонија. Уште од првиот ден кога се појавивме со иницијативата за формирање граѓанско здружение, активистите на Сорос ни се нафрлија со навреди и со неаргументирани обвинувања. Тоа беше очекувана реакција со оглед на фактот дека директно го напаѓаме нивниот извор на финансии, спонзор од кого добар дел од нив добиваат астрономски плати, несвојствени не само за Македонија, туку и за регионот. Сакајќи да избегнат одговори во врска со оправданоста на нивните баснословни месечни плати од 3.500 евра, но и за начинот на нивото финансирање директно од пари на американските даночни обврзници, за отвореното пропагирање на една политичка идеологија и застапување политички ставови на одредена политичка партија... тие решија да одговорат со навреди и со клевети. Ние, дефинитивно, нема да се фатиме на мамката што ни ја фрлаат. Нема да ја трошиме енергијата на јавно расправање и нема да дозволиме да паднеме на толку ниско ниво да комуницираме со навреди. Ние ќе продолжиме да работиме на нашата агенда со конечна цел -  плурализација на граѓанското општество. Тоа не значи дека ќе се впуштиме во некаков „лов на вештерки“. Ниту, пак, планираме да гониме соросоиди по улици, како што нѐ претставуваат Соросовите платеници. Во ниту еден момент нема да го прифатиме нивниот начин на дејствување, преку организирање насилни протести, со физички напади на неистомисленици и со уништување туѓ имот. Сепак, тоа не значи и дека ќе нѐ исплаши нивната агресивност и дека ќе се повлечеме под налетот на нивните закани. Важно е да знаат дека времето на насилство заврши и дека секој нов таков обид овој пат ќе биде третиран поинаку.

„Десороизацијата“ на Македонија ја гледам како процес во кој прво ќе се стави крај на лажниот граѓански активизам. Тие што сакаат да се занимаваат со политика слободно можат да регистрираат партија, да ја понудат визијата за „отворено општество“ пред граѓаните како нивна политичка платформа и на легитимни избори да побараат поддршка за реализација. Со самото тоа што скапо платените приврзаници на Сорос ја „продаваат“ неговата идеологија скриена под превезот на граѓански активизам и преку некакви невладини организации, доволно јасно индицира дека зад сето тоа се крие нешто нечесно, нешто штетно за граѓаните, нешто што не смеат јавно да му го презентираат на народот.

ПРЕС24: Дали сте против невладиниот сектор во Македонија?

МИРЧЕВСКИ: Апсолутно не. Ова, веројатно, е уште едно извртување на тие на платниот список на Сорос. Нашата замисла е да помогнеме во создавање услови за, конечно, заживување на невладиниот сектор, а граѓанските активисти, конечно, да добијат реална можност да работат на проекти што можат да донесат нешто добро на средината во која живеат и на државата во целост. Во моментот граѓанскиот сектор е целосно поклопен од организации финансирани и целосно зависни од парите на Сорос. Никој не може да добие ни денар ако не ја прифати идеологијата на нивниот водач и ако истовремено не е „смртен“ непријател на власта. Оттаму и се регрутирани најголем број учесници во таканаречената „шарена револуција“. Во изминатите две години бевме сведоци како млади момчиња и девојки, кои веруваа дека придонесуваат за подобрување на состојбите во одредени општествени области,како на пример образование, здравство, екологија... за што и добиваа одреден паричен надомест, беа злоупотребени од Сорос и од опозициската СДСМ како алатки за предизвикување насилни протести со кои се продлабочи политичката криза. Истите тие млади активисти на крај сфатија дека се измамени и искористени за политички цели, но работите стигнаа предалеку за да може да се исправат некои грешки. Доколку овие млади луѓе не беа финансиски зависни од Сорос и не беа изложени на толку силна политичка индоктринација, ситуацијата, сигурно, ќе беше поинаква денес.  

ПРЕС24: Дали сте против донациите од странски фондации?

МИРЧЕВСКИ: Не е паметно државата да ги сопре донациите од странските фондации затоа што преку нив се финансираат и корисни проекти. Но тоа што може и мора да го направи е да создаде механизам што сериозно ќе го контролира влезот на тие пари и начинот на нивно трошење. Тоа на што ние ќе инсистираме како движење е сериозна контрола на парите што стигнуваат во овие организации. Во граѓанскиот сектор влегуваат милиони долари годишно по разни основи, а кои, реално, се користат за разбивање државни институции и за уривање легално избрана власт. Немам проблем со проекти што реално придонесуваат за подобрување на која било област на општественото живеење, но имам голем проблем кога тие пари се користат за политичка пропаганда на штета на националните интереси и на државата. Никој нема корист од ваквиот начин на функционирање на Соросовите невладини организации. Ниту граѓаните,ниту државата. Користат само платениците на Сорос, кои дебело ги наплатуваат своите услуги.

ПРЕС24: Излеговте со еден извештај во кој тврдите дека средствата од УСАИД во Македонија биле злоупотребувани од невладините организации што ги добивале проектите. За колкави суми станува збор и за какви злоупотреби станува збор?

МИРЧЕВСКИ: Станува збор за политичка злоупотреба. Ова се средства од американските даночни обврзници, кои никако не смеат да се користат за политизирани, идеолошки проекти, со кои не се согласуваат огромен дел од американските, но и најголем дел од македонските граѓани. Во ред е САД да донираат за изградба на инфраструктура во Македонија, или за модернизација на земјата, и ние сме и благодарни за тоа. Но, во случајов, левичарската администрација на Обама почнa да финансира проекти со кои непринципиелно, политички ѝ помагаше на левата опозиција во Македонија, а со тоа во голема мера се влијаеше и на радикализирање на СДСМ. Тоа не е прифатливо. Тоа не е економска помош за развој на Македонија, туку е мешање во внатрешните работи на земјата и драстично ги наруши односите меѓу двете земји и начинот на кој голем процент од Македонците гледаат кон САД.

ПРЕС24: Кои се Вашите следни чекори? Дали и до кое ниво ќе продолжите со активностите?

МИРЧЕВСКИ: Веќе најавивме дел од нашите активности. Наша идеја е да ги запознаеме властите во САД со состојбата во Македонија и со начинот на кој американската амбасада и мисијата на УСАИД ги користат парите на американските даночни обврзници за промовирање на една политичка идеологија преку мрежата на Сорос. За таа цел веќе изработивме материјал во кој детално се наведени активностите на Сорос во Македонија, кој, пак, веќе се дистрибуира до претставници на Сенатот и на Конгресот, но и до официјални лица од новата американска администрација, блиски до американскиот претседател Доналд Трамп. Тоа што го бараме од нив е ревизија на оправданоста на програмите на УСАИД и, воедно, поведување истраги за евентуална злоупотреба на парите од американските даночни обврзници, кои во изминатите години беа делени на Соросовите невладини организации.

Истовремено побаравме од американската амбасада и од УСАИД да ни овозможат пристап до информации во врска со овие проекти и со парите потрошени за нив. Во тој момент кога ќе добиеме конкретни одговори, ќе бидат споделени со јавноста. Освен обидите да допреме до властите во САД, насочени сме и кон целосно разобличување на начинот на кој функционира Соросовата мрежа во Македонија.

Во моментов не би сакал да споделувам повеќе информации за нашите следни чекори,  но можам да кажам дека нашите активности ќе продолжат сѐ до оној момент кога ќе се создадат услови за развивање вистински плурализам во граѓанскиот сектор.

ПРЕС24: Очекувате ли контраакции од невладините организации блиски до Сорос?

МИРЧЕВСКИ: Не можам да предвидам какви контраакции би можеле да преземат, но што и да решат да прават, убеден сум дека ќе наиде на осуда во јавноста. Како што споменав, нашата цел е плурализирање на граѓанскиот сектор. Давање простор и фер шанса на сите што имаат волја и желба да дејствуваат во оваа област. Тоа не може да биде на штета на никој, освен на тие што сакаат да држат монопол врз него. Можеби тоа нема да им се допаѓа, но не гледам никаква оправданост да преземат некакви контраакции. Едноставно, немаат друг избор, освен да го прифатат процесот како неминовна реалност. Исто така, не верувам дека некој од нив, барем јавно, ќе се противи на иницијатива за посериозна контрола на финансиско работење на невладините организации. Се разбира, ако работат чесно и во согласност со законите на државата. Се разбира, тие во секој момент може да се жалат дека врз нив се врши притисок и слично, но тука очекувам и активна улога на институциите, кои ќе треба да бидат максимално транспаренти во овие случаи. Со други зборови, никој не смее да забранува работа на невладини организации, кои строго ги почитуваат законите, но би требало да им е јасно дека помина времето во кое Соросовите невладини организации и активистите се поставуваа над законите и дејствуваа како држава во држава. Едноставно, законите мора да важат за сите еднакво и мора сите еднакво да одговараат пред нив.

ПРЕС24: Како ги оценувате развојот и улогата на НВО во Македонија?

МИРЧЕВСКИ: Невладиниот сектор, за жал, денес ни од далеку не ја оправдува функцијата што треба да ја врши во општеството. За волја на вистината, Македонија како млада демократија немала претходно многу искуство на ова поле, а да биде ситуацијата уште полоша, сите претходни влади неправедно го занемарувале и недоволно обрнувале внимание на значењето на граѓанскиот активизам, а уште помалку помагале за неговиот развој. Лошата национална политика на ова поле придонесе Сорос преку истурените милиони долари целосно да завладее со граѓанскиот сектор и да го злоупотреби за уривање на државниот поредок. Токму затоа во изминатите години на граѓанскиот сектор се гледаше како на секташко друштво во кое не можеш да се приближиш ако не се потчиниш на правилата на игра на Отвореното општество, кое не признава ниту народи,ниту нации, ниту национални симболи и белези, ниту граници... Место да промовираат плурализам, право на слобода на говор, еднаквост, правдољубивост, тие жестоко пропагираат една идеологија и агресивно го напаѓаат секој нивни неистомисленик. Место да ги негуваат македонската традиција и култура, наметнуваат западни квазивредности. Место да застанат во одбрана на нашите национални интереси, ги застапуваат интересите на Сорос за држави без народи и без нации. Место како Македонци, се идентификуваат како Земјани! Видете, тие може да се декларираат како што сакаат. Може да се чувствуваат и како Марсовци, но не можат да марсовизираат цел народ. Никој не им дал право да тргуваат и да се пазарат со името и со идентитетот на Македонците. Никој не им дал право да решаваат за промена на националните симболи, за федерализации, кантонизации, за отворање граници... Особено не од позиција на граѓански активисти.

Со процесот на десороизација очекувам аномалиите во невладиниот сектор да бидат отстранети во најбрзо време, а во меѓувреме се надевам дека новата влада ќе покаже интерес да помогне во развојот на вистинскиот граѓански активизам, од кој ќе имаат полза и граѓаните и државата.

 
 
01.02.2017 - 10:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа