Комеморативна седница за починатиот диригент Ѓумар

Факултетот за музичка уметност-Скопје во среда, 18 јануари 2017, од 11 часот во Македонската опера и балет ќе одржи комеморативна седница за својот редовен професор, диригентот  Саша Николовски Ѓумар, кој во саботата почина ненадејно на 50-годишна возраст. Погребот  ќе биде извршен на 18 јануари во 14 часот на Градските гробишта Бутел.

-Проф. м-р Саша Николовски Ѓумар ќе заземе значајно место во македонската музичка историја, а Македонија и македонската музичка сцена изгубија голем уметник, музичар и човек, соопшти ФМУ.

Саша Николовски Ѓумар е роден во Битола во 1966 година. Факултетот за музичка уметност на отсекот за музичка теорија и педагогија го завршил како најдобар студент на генерацијата. За време на студиите, се запишал и на отсекот за композиција и диригирање, каде дипломирал диригирајќи ја Вердиевата опера „Травијата“ во Македонската опера и балет.

Во 1999 магистрирал на Академијата „Панчо Владигеров“ во Софија, каде што учел оркестарско диригирање со Васил Казанџиев и оперско диригирање со Боби Хинчев.

Од 1998 на Факултетот за музичка уметност предавал хорско и оркестарско диригирање, Оперско студио и група предмети од областа на диригирањето.

Ѓумар настапуваше во Унгарија, Романија, Бугарија, Австрија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора.

 
 
16.01.2017 - 14:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа