Димовски: Главен фокус во следните 4 години ќе биде вработувањето на младите во Македонија

Носителот на листата во ИЕ3, Илија Димовски денеска презентираше неколку проекти кои се однесуваат и се од клучно значење за младите во Македонија.

-Првата мерка која што во следниот период ќе биде на располагање на младите луѓе е кредит во висина од 7 илјади евра за секое младо лице до 29 години кое што ќе најде начин да направи самовработување. Кредитот ќе е со 18 месеци грејс период и рок на отплата 66 месеци со само еден посто камата. Оној млад човек кој што ќе успее да создаде дополнително работни места за свои другали, пријатели во таа генерација ќе добива секое следно вработување уште дополнителни 4 илјади евра кредит од државата со овие екстра поволни услови.

-Вториот проект кој што е значаен е тоа дека сите фирми во Македонија кои што ќе создаваат работни места за млади луѓе ќе добијат за секое место 4 илјади евра кредит со грејс период од една година со рок на отплата од две години и со каматна стапка од еден процент.

-Третата работа која што сакаме да ја истакнеме е проектот „Парт тајм“ кој што се однесува исклучиво за студенти. Тоа ќе значи дека секоја фирма која што ќе вработи студент ќе биде ослободена од плаќање на персонален данок и од придонеси за здраствено и пензиско осигурување за вработување на студенти.

-Четвртата работа која што сакам да ја истакнам е проектот за вработување на 100те најдобри студенти, значи секоја година 100те најдобри студенти од универзитетите во Македонија ќе добиваат вработување во државните институции.

-Петта работа, оние млади луѓе, посебно од руралните средини кои што ќе се решат да инвестираат во некаков земјоделски капацитет, односно во земјоделска дејност ќе добиваат грант од државата во висина од 10 илјади евра неповратни средства, а исто така сите оние бенефиции кои што ќе ги добиваат од државата по програмите за рурален развој ќе бидат за 10 посто поголеми од тоа што ги добиваат повозрасните лица, се со цел да се стимулира, истакна Димовски.

Димовски додаде дека ова е само еден пакет од мерките кој што се предвидени за младите во Македонија.

-Ова е еден пакет на мерки, има и уште многу други со кои што сметаме значително ќе го зголемиме бројот на млади луѓе кои што се студенти, но и кои што завршиле факултет или се со средно образование и на многу полесен начин ќе може да се вработуваат во фирмите или да создаваат сопствен бизнис во Република Македонија. Исто така би сакал да потенцирам дека ќе продолжиме со проектот „Купи куќа за млади“ до 35 години, проект кој што и до сега се покажа како многу успешен со кој државата субвенционира односно со средства помага до висина дури од 50 проценти од трошокот за секој млад човек до 35 години за да изгради своја куќа, свој дом, да направи доградба на веќе постојна куќа на свои родители и така натаму. Секако ќе продолжи изградбата на многу фитнес зони, на многу тениски, баскет игралишта, на многу мултифункционални игралишта кој што веќе ги гледаме низ Македонија, но тоа интензивно ќе продолжи и во следниот период, ќе се градат читални за студентите во многу градови низ Република Македонија, ќе се градат спортски сали, гимнастички сали, затворени базенти и сето она што ќе значи обогатување на животот на младиот човек. Но, во секој случај би сакал да потенцирам дека главен фокус во следните четири години преку проектите кои што ги набројав е вработување на младите луѓе во Република Македонија, изјави Илија Димовски, носител на листата во ИЕ3.

 
 
27.11.2016 - 15:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега