Иванов: Македонските соседи да го следат примерот на Србија за доследно почитување на правата на Македонците

Република Србија е единствениот непосреден сосед на Република Македонија кој доследно се грижи за македонската заедница. Тоа е позитивен пример што треба да го следат и другите наши соседи. И искрено се надевам дека со вакво позитивно темпо ќе продолжиме во иднина, истакна денеска македонскиот претседател Ѓорге Иванов на свеченоста по повод 70 години од доселувањето на Македонците во Војводина. На свеченоста се обрати и српскиот претседател Томислав Николиќ.

Иванов потенцираше дека Македонија е позната по својот демократски модел на интеграција без асимилација и почитување и прифаќање на секоја заедница, вклучително и српската. - Не радува што наоѓаме на сличен однос на Република Србија кон македонската заедница, рече македонскиот претседател.

- Македонската заедница во Србија и српската заедница во Македонија се гарант на добрите односи меѓу двете пријателски држави. Македонците во Србија и Србите во Македонија се истовремено лојални граѓани на своите држави и посветени родољуби на своите народи. Но, да се биде родољуб значи да се биде верен на јазикот, рече Иванов апелирајќи до Македонците да не го остават и да не го заборават македонскиот јазик, јави известувачот на МИА.

Македонскиот јазик е веќе службен во Општина Пландиште и во Јабука.

- Македонскиот јазик треба да биде изучуван и во другите основни училишта каде што Македонците живеат во значителен број. Неопходно е реализирање емисија на македонски јазик на програмите на државната радио и телевизија. И сите оние права кои ги имаат Србите во Република Македонија, согласно билатералната Спогодба за заштита на Македонците во Србија и Србите во Македонија и согласно меѓународните стандарди, потенцираше Иванов.

На свеченоста тој кажа дека на Николиќ му ги пренел реалните потреби и легитимните очекувања на Македонците во Србија кои се однесуваат на изучувањето на македонскиот јазик, поголемата застапеност во јавниот, политичкиот и општествениот живот. - Очекувам државните, покраинските и локалните органи на Србија да излезат во пресрет на овие барања, бидејќи, тоа е влог во трајното пријателство меѓу двата народи и двете држави, рече македонскиот претседател.

Пораката на Иванов до македонските иселеници е да бидат сложни за да ги исползуваат можностите што им се даваат, да ги надминат внатрешните разлики и да се помират и сплотат околу Македонија.

Македонците, потенцира тој, се лојални на државата во која живеат, но и кон онаа од која дошле нивните предци. - Со оваа двојна, но неподелена и непротивречна лојалност, им давате квалитет на односите меѓу двете држави. А тоа е вистинска реткост на Балканот, рече Иванов. 

Првите македонски колонисти во Војводина, претежно во јужен Банат, дошле во јануари 1946 година. Според тогаш утврдената квота требало да се преселат 2000 семејства од Македонија со околу 12.000 лица, но се доселиле повеќе. Според последниот попис во Србија живеат околу 27.000 Македонци, но проценките се дека таа бројка изнесува над 100.000.

- Србија и натаму ќе ги поддржува процесите за враќање на поединечната и колективната свест за значењето на зачувувањето на националниот, културниот, историскиот идентитет на македонското малцинство на нашите простори, истакна претседателот на Србија Николиќ.

Српскиот претседател Николиќ во обраќањето рече дека припадниците на македонската заедница даваат значителен придонес на развојот на Србија.

- Денес сме заедно со јасна порака дека македонското национално малцинство во Србија има полна поддршка во зачувување на својата особеност, во намера да биде во постојана комуникација со земјата на своето потекло со која Србија негува и чува искрени пријателски односи, рече Николиќ.

Претседателот Николиќ истакна дека Македонците во Србија секогаш ќе имаат поддршка во остварување на своите права, и дека Србија е горда на своите граѓани кои пред 70 години дојдоа од Македонија во војводинските краишта.

Претседателот на Националниот совет на Македонците Борче Величковски рече дека Македонците во Србија, и Србите во Македонија се мост за поврзување на двете држави и на двете култури.

На јубилејната прослава, на која присуствуваа Македонци од цела Србија, беше засадено „Дрво на пријателството“, а беше потпишан протокол за збратимување на општина Македонски Брод и месната заедница Јабука. Во рамки на прославата претседателите Иванов и Николиќ ја посетија изложбата на уметнички дела на академскиот сликар Павле Кузмановски

 
 
30.10.2016 - 14:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа