СИТЕЛ - KPMG по средбата со Груевски: Одлични економски резултати на Македонија

Македонија со своите економски политики и успешни резултати отиде напред во многу сектори, а доказ за тоа е и последниот извештај на „Дуинг бизнис“ кој претставува големо признание за земјата. Ова е оценката на  Дејвид Сиер, потпретседател и член на Управниот одбор на Кеј Пи еМ Џи (КПМГ), една од четирите најголеми консултантски и финансиски организации во светот, со чии први луѓе вчера во Лондон Груевски и партиската делегација на ВМРО ДПМНЕ имале средба.,

На средбата во Лондон со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, потпретседателот на оваа институција истакнал дека растот во рангирањето на Македонија е исклучителен и оти може да се очекува дека многу глобални компании ќе ги искористат поволностите што ги нуди државата за да инвестираат во иднина.

- Македонија е многу интересна приказна во поглед на начинот на кој што оствари исклучителен прогрес во создавањето услови за правење бизнис. Од 94-то место во извештајот на „Дуинг бизнис“ на Светската банка пред десетина години, сега е на 10-то место во светот и тоа кога Велика Британија падна од 5-то на 6-тото место. Тоа е сериозно добра приказна во поглед на странските инвестиции. Како КПМГ, работиме со многу странски компании кои инвестирале во Македонија и се радуваме да работиме со многу други и во иднина, посочи Сиер.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека на средбата биле презентирале многу детали за македонската економија и за нејзиниот прогрес, за предизвиците, како и за резултатите на планот за намалување на невработеност.

- Имавме значајна средба во главното седиште на КПМГ во Лондон, компанија која што издава извештаи за Република Македонија на економски план секоја година. Досега имаме одлични извештаи во смисла на нашата економија, условите за правење бизнис, можностите за привлекување инвестиции, односно информации за инвеститорите, информации за Република Македонија кои што се прилично добри и прецизни и од коишто нашата држава досега имаше бенефит затоа што инвеститорите, особено клиентите на КПМГ, ги читаат тие извештаи и согласно нив се ориентираат каде да ја направат новата инвестиција, истакна Груевски. 

Инаку,  во последниот извештај за Македонија, КПМГ ги истакнува даночните поволности кои им стојат на располагање на компаниите, како и едуцираната и квалификувана работна сила. Тие нотираат дека Македонија е земја со најниски трошоци за правење бизнис во Европа, како и дека се нудат исклучителни поволности во технолошко-индустриските развојни зони. Посочени се и инвестициите во нови патишта, железница и дека таквите предности се препознаени од многу странски компании кои се одлучиле да инвестираат и да ја препорачуваат Македонија како наредна дестинација за инвестирање.

 
 
28.10.2016 - 18:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа