ФОТО: Спектакуларен крај на културното лето „Три круши“ во Кисела Вода
Пред околу 3.000 посетители синоќа заврши манифестацијата „Бранувано културно Три круши 2013-то лето“. Настапија младиот Даниел Тошевски, културно-уметничките друштва „Китка“, „Јордан Мијалков“ и „Никола Јонков Вапцаров“. Културното лето го затворија Војо Стојановски и Сузана Спасовска.
- Се надеваме дека со богатиот репертоар на културни настани го подигнавме нивото на културно живеење на граѓаните во општината. Организацискиот тим од општината од понеделник ќе почне да работи на новата програма за Културното лето 2014 година. Советот на општина Кисела Вода како традиционален покровител на оваа манифестација и во иднина ќе продолжи да го поддржува културното лето, во интерес на граѓаните, рече претседателот на Советот на општина Кисела Вода, Трајче Донев.
На четири локации во општината, годинава повеќе од 35.000 посетители ги проследија вкупно 15-те културни настани. Настапија повеќе естрадни уметници, театри, ансамбли, културно – уметнички друштва, актери и хумористи.
- Оваа културна манифестација имаше забавен карактер, афирмираше и анимираше млади уметници, доби и предзнак на манифестација која се залага за зачувување на македонските културни вредности, традиции и обичаи, информира општина Кисела Вода.